Плановите за третата, есенска доза вакцина против Ковид-19 ќе бидат познати во следните неколку недели, изјави денеска министерот за здравство на Велика Британија, Мет Хенкок.
Министерот за здравство на Велика Британија изјави дека владата ги чека резултатите од комбинирањето на вакцините, објави Би-Би-Си.
Експертите од Службата за јавно здравје (НХС) и познати британски лекари изјавија дека планирањето за вакцинација со третата, „бустер“ доза, мора да започне веднаш, бидејќи „ќе се појават поголеми предизвици“.
Експертите велат дека треба да се одговори на голем број прашања, вклучително и колку трае имунитетот кај првичните вакцини за коронавирус.
Останува прашањето дали децата треба да се вакцинираат.
– Во моментов се обидуваме да утврдиме која комбинација на вакцини е најефективна – рече Ханкок.
Различни вакцини низ Англија се комбинираат меѓу тестовите за засилување на дозата.
Висок владин функционер изјави дека Велика Британија ќе има корист од новите вакцини на компаниите „Новавакс“ и „Валнева“, кои чекаат одобрување од британското регулаторно тело за медицина.
Досега, близу 60 проценти од возрасните Британци примиле две дози на вакцина, што значи дека биле целосно вакцинирани, а повеќе од 80 проценти примиле барем една доза.
Во текстот се додава дека претходните денови луѓето брзале да примаат вакцини, а граѓаните во петок и сабота закажале над милион вакцинации за возрасни граѓани.