Велипеток, најтешкиот ден во годината

од Берта Китинска
381 прегледи

Велипеток е денот на Христовите страданија. Тие започнуваат уште ноќта, во Гетсиманија. Затоа гетсиманските настани ги вбројуваме во Велипеток. Тие се случувале доцна во ноќта – по полноќ. Според европското мерење на времето – во петок.

Патем, од собата на Тајната вечера до Гетсиманија, Христос продолжил со Прошталната беседа и ги поучувал апостолите (Јован 15 и 16 глава). За да биде поуката разбрана и запометена, го посочил примерот со лозата и лозовата прачка која дава плод, ако е на лозата, а не кога е отсечена од неа.

И рекол: „Без Мене не можете да направите ништо“, но „ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат“, а утехата е во „Утешителот, Кого што ќе ви Го испратам Јас од Отецот, Духот на вистината…“. „Во светот ќе имате маки; само не бојте се, зашто Јас го победив светот.“
По овие зборови, Христос завршил со поуката и ја започнал Молитвата во Гетсиманија. Страдањата од Велики Петок почнуваат во Гетсиманија.
Гетсиманија – молитва и страданија

Господ Исус Христос вообичаено се молел насамо, давајќи ни пример и нам за индивидуалната, лична молитва. Многу е значајна Неговата молитва во Гетсиманија пред да биде фатен и изведен на суд, а потоа, неправедно осуден на смрт, измачуван и распнат (Марко 14,32-42; Матеј 26,36-46; Лука 22,39-46; Јован 17 глава).

Он, бидејќи Бог, знаел сè што ќе се случува, но затоа што бил и вистински човек, Неговата човечка природа, во Гетсиманија, ја преживеала Голгота.

Спасението на човечкиот род не би било извршено без Неговата молитва во Гетсиманија, во која кулминирале Неговите душевни страдања за нас и место нас; страдања предизвикани само од нашите гревови и претрпени заради нашите гревови – за гревовите на сите луѓе од сите времиња, а кои Он како Богочовек доброволно ги примил врз Себе.

Пред жртвениот подвиг на Голгота, Спасителот бил во неискажливи маки во Гетсиманија. Таму жалел со жалостите и умирал со смртта на сите луѓе, молејќи Му се на Отецот, и тоа пред Своите тројца најверни ученици: Петар, Јаков и Јован, како што предвидувал Законот – двајца или тројца сведоци (5. Мој. 19,15). Тие биле сведоци за Неговите искупителни, душевни страдања, а пред нив Он и се преобразил (Матеј 17,1-2) и во нивно присуство ја воскреснал Јаировата ќерка (Лука 8,51).

Христовото тагување и страдање во Гетсиманија е израз на човечката природа во Богочовекот. Неизмерни биле Христовите страдања во Гетсиманија, бидејќи неизмерна била и грешноста на луѓето, која Он ја зел врз Себе и Му предизвикала големи болки. Големи биле Неговите гетсимански маки, бидејќи во Него и преку Него плачела и барала спасение целата човечка природа.

Вообичаено, во Христово време, на Исток, а особено меѓу Евреите, луѓето се молеле стоејќи, со подигнати раце кон небото (1.Тим. 2,8; Лука 18,11 и 13). Овде се вели, Господ Исус Христос „падна на земја и се молеше“. Молитвите и молењата со приклонети колена на земја, биле израз на духовна тежина и внатрешна борба и тие биле ретко практикувани (спореди: 4. Мој. 16,22).

Евангелистот Лука ја покажува психолошката-духовна борба и реакцијата на телото со изобилство на пот и капки крв, како израз на тешката душевна борба. Дека Спасителот во Гетсиманија многу пострадал заради гревот на сиот човечки род и тоа со страданија какви што не страдал никој, сведочи и евангелскиот опис дека „потта Му била како капки крв“.

Тоа го предизвикала човечката природа во Христа, која сосема природно реагирала во моментот на предавството, фаќањето, врзувањето, бичувањето, плукањето, страдањето и смртта. Сето ова било појако изразено во Неговата човечка природа, зашто Господ Исус Христос знаел сè што Го чека, а тоа и го предрекол пред Своите апостоли (Марко 10,32-34). Он знаел за сето тоа и за сè што ќе се случи од Гетсиманија до Голгота – до Неговиот последен крик на крстот: „Се сврши!“ (Јован 19,30).

Со истите зборови и во Гетсиманија рекол: „Свршено е, дојде часот; еве, се предава Синот Човечки во рацете на грешници“ (Марко 14,41). Предавникот бил сосема близу. Хрисос рекол: „Станете да одиме! Еве, наближи оној што Ме предава.“ Тоа не значи да бегаме, туку да се сретнеме со непријателите; да тргнеме по долгиот пат; да одиме по патот на страданијата – до Голгота!

Христа Го фаќаат во Гетсиманија

Јуда излегол од Тајната вечера, се откажал од Христа и од апостолството и отишол да Го предаде својот Учител. Штом дознал каде ќе ја поминат ноќта, веднаш заминал, за да им каже на оние што сакале да Го фатат Исуса. Кај нив почекал некое време, додека дојдат Христос и апостолите на договореното место, а можеби чекал и да настапи длабока ноќ, кога апостолите би заспале и не би можеле да дадат отпор. Такво е лукавството, „зашто синовите на овој свет во својот род се подосетливи од синовите на светлината“ (Лука 16,8).

Јуда со себе повел и многу народ со мечеви и стапови, испратени од првосвештениците и книжниците. Значи, со него била една вооружена чета, од таканаречената полиција на храмот, која ја сочинувале одредени помошници во храмот: млади свештеници и штитеници на јудејските старешини и книжници.
Велиме дека имало и млади свештеници или помошници на првосвештеникот, иако во евангелскиот текст тоа не е речено така, но заклучуваме од зборовите дека луѓето биле вооружени „со мечеви и со стапови“, а на првосвештениците и на нивните слуги не им било допуштено да носат мечеви и, во буквална смисла на зборот, им било забрането да пролеваат крв. Тоа значи дека тие биле оние – вооружените со стапови, бидејќи не смееле да носат мечеви, како другите.

Збунува и тоа дека Јуда допуштил овие луѓе да доаѓаат вооружени со „мечеви и стапови“ за да Го фатат кроткиот Господ Исус Христос. Но, тој ја знаел ревноста на апостолите и очекувал да Го бранат својот Учител и Господ. За тоа сведочи и реакцијата на светиот апостол Петар, кој извадил нож и им се спротиставил (види: Јован 18,10-11; Матеј 26,50-51; Марко 14,47). Затоа, Јуда навреме обезбедил вооружени луѓе кои непречено ќе Го фатат Господа Исуса Христа.

Се погрижил и за тоа, да не се случи недоразбирање и да не фатат погрешен човек, во ноќната темнина. Затоа, договорено било жртвата да им ја покаже со целив и со поздрав на својот Учител, велејќи Му „Радувај се, Рави“. Тоа бил вообичаен однос и поздрав меѓу учениците и Учителот. А бакнежот бил сметан за целив на мирот. „А Исус му рече: ,Пријателе, зошто си дошол?‘ “

Ова се Христовите последни предупредувачки зборови кон Јуда за да се покае и затоа му вели: „Пријателе“. Јуда, пак, со своето духовно слепило и безумие, сакал преку целивот да ја сокрие од Господа својата намера, лажно, претставувајќи се како пријател. Но, „ти, ако си пријател, зошто доаѓаш со непријатели“, вели блажени Теофилакт. Неговото лукавство е бесмислено.

Тој не сфаќал со каква вечна осуда се осудил себе си, за тоа што токму знакот на љубовта – целивот го употребил за предавство. Ова претставува најгрубо искривоколчување на најголемата добродетел – љубовта. Ова е демонско применување на доброто за зло. Знакот на љубовта Јуда го употребил за да ја затвори вратата на рајот, место да ја отвори.

Навистина збунува тоа, како било можно Јуда три и пол години да биде апостол и близок „ученик Христов“, еден од дванаесетте, кој постојано ги слушал зборовите Господови и ги следал Неговите чуда, а на крајот, да се оттргне и да Го предаде.

Ова предавство на Господа се повторува многупати низ времињата и после Јуда, од многумина христијани. Секое отстапување од Христа, претставува предавство и христоодрекување. Затоа, и ние треба да се запрашаме како апостолите, кога Исус им рекол: „еден од вас ќе Ме предаде“, па да велиме: „да не сум јас?“ (Марко 14,18-19).
Ноќта Христос бил фатен, врзан и одведен на суд пред Јудејското собрание (Марко 14,43-49; Матеј 26,47-56; Лука 22,47-53; Јован 18,3-12).
Господ Исус Христос пред Јудејците и порано сведочел и велел дека е Он Син Божји и тие Го обвинувале дека хули на Бога, па земале „камења да Го убијат“ (Јован 10,31). Он секогаш тврдел дека е Син Божји и знаел каков гнев предизвикувале таквите Негови зборови и дека Јудејците биле готови за тоа „да Го убијат“.

Покрај Својот директен одговор со зборовите: „Јас сум“, Господ Исус Христос додава дообјаснувања и вели: „Ќе Го видите Синот Човечки како седи од десната страна на силата и како иде на облаците небески“ (Марко 14,62).

Со овие зборови, сакал на синедрионците да им рече: – Вие сега Мене Ме судите неправедно, но Јас сум Оној што ќе ви суди праведно, вам и на сиот човечки род! Овде се изречени и двете пресуди: Тие Го осудија Христа, а Господ Исус Христос ги осуди нив.

Овие Негово зборови се пресудата на еврејските првосвештеници, книжници, старешини, фарисеи, садукеи и лицемери. Христа Го распнаа веднаш и ја извршија пресудата, а Божјата пресуда врз нив се исполнила во времето на страшните страдања, за време на разрушувањето на Ерусалим, кога првосвештениците биле убивани во олтарот додека принесувале жртва. Сепак, тие страдања се најава и праслика на вечните страдања кога ќе се изврши целосната пресуда врз нив и врз нас.

Синедрионот ја донел пресудата: „Исус од Назарет, заслужува смртна казна заради хулење“!

Кога синедрионците Го осудиле Христа на смрт, иако според судската практика и правило, требало таа пресуда да биде уште еднаш потврдена, тие веднаш им дозволиле на нивните слуги да се однесуваат кон Него како кон осуденик на смрт и да Го удираат. Тоа го правеле и „некои“ од синедрионците.

Измачувачите, терајќи Го Христа да прорече кој Го удира, сакале што е можно повеќе да Го потценат и навредат. Сакале да се подбиваат со Неговите зборови дека Он е Христос, Син Божји и Месија, а како таков би требало да биде и пророк и повеќе од тоа, па да им погодува кој Го удира.

+ + +

Потоа, следат останатите настани од Велики Петок, сè до распнувањето, смртта и погребението на Господа Исуса Христа.

Слични содржини