Вељаноски: Во извештаите на ЕК стои дека е злоупотребено европското знаменце

од Nikola Popovski
508 прегледи

Поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски порачува дека во изминативе 6 години во секој извештај на Европската Комисија за напредок на Република Македонија стои дека е злоупотребено европското знаменце за да се скрати односно избегне дебатата во Собранието за поважни закони .

Според него, за надминување на ваквата ситуација со злоупотреба на европското знаменце и бламирање на процесот на усогласување на нашето законодавство со европското законодавство, потребно е под итна постапка и со кратка измена на Деловникот во кое ќе се напише дека Комисијата за европски пражања ќе ја води пратеник од опозицијата. Посочува дека на тој начин сите партии ќе учествуваат во усогласувањето со европското законодавство и нема да се протнуваат решенија кои не се европски.

Во таков случај ниедна влада нема да се осмелува да предлага закони без кореспондентна табела и на шверцерски начин ќе внесува решенија кои се неприфатливи кај граѓаните и нема да се бламира процесот на усогласување на нашето законодавство со европско законодавство, смета Вељаноски.

Тој заклучува дека е крајно време да се најде начин да се прекине со оваа пракса на злоупотреба на надлежностите на Комисијата за европски прашања бидејќи на тој начин системски се поткопува воспоставената рамнотежа на помеѓу законодавната и извршната власт.

Според него, одговорно политичко мнозинство треба да размислува во насока да изнајде начин да ги издигне демократските стандарди во земјата, антиципирајќи ги оправданите критики на јавноста.

Еден од тие начини можеби е секогаш кога постојат сомнежи дека ваквата надлежност на ова работно тело се злоупотребува, задолжително да се отвори процес на разговори со опозицијата за да се неутрализираат критиките и да се постигне консензус. Доколку ваков чекор направи актуелното политичко мнозинство во Собранието во однос на актуелната опозиција, веќе утре, кога улогите ќе бидат сменети, овој неформален механизам или пак формалниот механизам кога пратеник од опозицијата ќе ја води Комисијата за европски прашања, ќе биде од голема полза и на таа опозиција. На тој начин, демократски ќе созреваме, а ползата ќе биде само за Македонија, вели Вељаноски во својот допис.

Слични содржини