Здружението на Украинците во Република Северна Македонија, „Лесја Украинка“, како и македонски граѓани, денеска одржаа протест на Плоштадот „Македонија“ во Скопје против руската инвазија врз Украина.
– Има закани за цела Европа од нуклеарен напад. Путин ќе оди по секоја цена за освојување на Украина. Тој е монструозен, за да влезе во историјата како голем освојувач, истакна претседателот на Здружението на Украинци во Северна Македонија, Александар Урбанович, на денешниот протестен марш против „војната и безграничната суровост од страната на Русија кон Украина“.
Пред присутните новинари се обрати и Тамила Велковска.
-Цели градови се буквално избришани. Украина цела гори, како што горат нашите души од болка и гнев. Не зборувам за политики. Зборувам од гледна точка на обичен човек. Колку жртви има? Колку свадби никогаш нема да се направат? Колку деца никогаш нема да се родат? И, тоа е во двете земји! Колку градини нема да процветаат? Милиони изгубени соништа, растурени семејства, милиони луѓе со растурена психа, безброј луѓе кои не им остана ништо – освен нивните животи, посочи Велковска.