Вело Марковски ќе поднесе кандидатура за шеф на државата

од Nikola Popovski

Инфектологот др. Вело Марковски најави дека ќе се кандидира за претседател на државата. Тој својата независна кандидатура и официјално ќе ја соопшти во четврток во 13 часот во просториите на локалот „Прима Данца“, во близина на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во Скопје, каде ќе ја промовира и својата веб-страница velomarkovski.mk во која се содржани неговите досегашни активности и неговата програма како претседателски кандидат.

„Претседателот на државата е маргинализиран. Затоа ни е потребно народот да избере одговорен и способен претседател кој ќе биде независен од политичките партии и нивните претседатели“ – пишува Марковски во својата „Визија за претседател“.

Марковски дипломирал на медицинскиот факултет во Скопје во 1983 година, од 1986 до 1992 година работел како лекар во службата за Итна медицинска помош во Скопје, а потоа до 2010 како лекар специјалист во Инфективната клиника при клиничкиот центар во Скопје. Од 1999 до 2002 година бил директор на ЈЗУ Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби.

Марковски едно време беше дел од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Во партијата тогаш сметаа дека докторот ќе има свое влијание во политиката особено во областа на здравствените политики, особено во времето на Ковид-пандемијата.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски соопшти неодамна дека во редовите на партијата искристализирале 22 имиња за шеф на државата, а во периодот што следува тој список ќе биде намален.

Слични содржини