Венецуелските власти одлучија да го прогласат 28 март, четврток за ден за одмор – третиот по ред, поради проблеми со недостаток на електрична енергија во поголемиот дел на земјата, објави министерот за комуникации и информации Хорхе Родригез, јави ТАСС.

Тој рече дека се работи активно за опоравување на националниот енергетски систем, кој настрадал од „најсериозниот терористички чин“. Во понеделникот, министерот рече дека земјата останала без струја како резултат на диверзии, извршени во најголемата нејзина ХЕЦ. Според лидерот на опозицијата Хуан Гуадо, прекинот на електричната енергија се случил во 17 држави.
Вчера претседателот Николас Мадуро рече дека причина за вториот за еден месец голем прекин на електричната енергија е стрелба на снајперист по ХЕЦ „Боливар“. Нападот се случил од рид. Местото на кое е стрелано и каде е предизвикан пожар, е од витално значење за струјата, изјави Мадуро на локална телевизија. Нападот е дело на „платеник, убиец испратен од опозицијата, која врши државен удар“, изјави тој. Претходниот голем прекин на електричната енергија беше на 7-ми март.
Поради недостигот на електрична енергија не работат водните пумпи и многу жители на главниот град Каракас со часови бараа флаширана вода во малкуте отворени продавници или полнеа канти и други садови од изворите по ридовите на градот, пренесува „Асошиејтед прес“.
Гуаидо ги отфрла обвинувањата на Мадуро дека опозицијата има некаква врска со тоа. Тој ги повика сонародниците да не бидат пасивни и најави протестна кампања под мотото „операција Слобода“, вклучувајќи демонстрации оваа сабота и следната, на 6 април. Мадуро исто објави во саботата марш под наслов „Операција во заштита на слободата“.
„Ги повикуваме сите да излезат на протест низ целата земја против проблемите со обезбедување на јавни услуги и да побараат да се прекине узурпацијата на власта“, изјави Гуаидо во Каракас. „Граѓаните повеќе не можат да останат пасивни набљудувачи“, рече тој. Гуаидо додаде дека планираната операција „Слобода“, која според него ќе доведе до прекин на владеењето на претседателот Николас Мадуро, ќе започне на 6 април. Потоа ќе има први тактички акции на операцијата низ целата земја, напиша лидерот на опозицијата на Твитер.
Гуаидо ги повика граѓаните да создадат комитети кои се грижат за мобилизацијата на протестното движење, а вработените во полицијата и армијата – да организираат заштитата на луѓето од вооружени групи.
Државниот секретар на САД, Мајк Помпео денеска изјави дека според прооценките, со кои е запознаен, обновата на Венецуела ќе чини помеѓу 6 и 12 милијарди долари, пренесе „Ројтерс“. За обнова на венецуелската економија, уништена од социјалистичките политики, ќе бидат потребни години, додаде Помпео пред Конгресот на САД, говорејќи за буџетот на Стејт департментот.