Венгер најави „автоматизиран офсајд“

од Vladimir Zorba

Поранешниот тренер на Арсенал, а сега шеф на телото за глобален развој на фудбалот при ФИФА, Арсен Венгер, најави револуционерна промена во определбата за офсајд.

Тоа е систем што веднаш ќе го извести асистентот ако играчот е во офсајд.

– Мислам дека автоматизираниот офсајд ќе биде подготвен за Светското првенство во 2022 година. Автоматско значи дека помошниот судија веднаш би добил сигнал што би му соопштил дали е офсајд со испраќање црвено светло на неговиот часовник – изјави Венгер.

ИФАБ, телото задолжено за следење на фудбалските правила, планира да тестира полуавтоматизиран офсајд систем што прво би го пријавил сигналот до ВАР.

– Полуавтоматизираниот систем прво го испраќа сигналот до ВАР, а ВАР го испраќа до асистентот. Јас сум за автоматизиран систем, кој веднаш би испратил сигнал до помошниот судија – изјави поранешниот тренер на Арсенал.

Целта на оваа технологија ќе биде да помогне да се донесат попрецизни одлуки за офсајд и да се намали долгото време на чекање додека ВАР одредува дали некој е во офсајд или не.

– Во моментов имаме ситуации кога играчите мора да чекаат напнато за да видат дали се во офсајд или не. Во просек, се чека одлука 70 секунди, а понекогаш и многу подолго ако ситуацијата е тешко да се процени. Многу е важно тоа да се промени затоа што многу прослави се прекинати поради маргинални ситуации, затоа верувам дека ова е многу важен чекор – заклучи Венгер.

Треба да се напомене дека технологијата не донесува одлуки за судиите, туку треба да им даде непобитни докази за позицијата на играчите, на сличен начин како што прави технологијата за голови.

Слични содржини