Венгер најави голема промена околу Светските првенства

од Vladimir Zorba

Арсен Венгер неодамна и ја претстави на ФИФА идејата Светското првенство да се игра на секои две години, наместо на секои четири години како порано.

Многумина се против идејата, особено УЕФА, која е загрижена за своето Европско првенство, но Венгер вели дека не се откажува.

„Подготвен сум да ризикувам да го направам фудбалот подобар. Актуелниот фудбалски распоред е без јасност, едноставност и модерно организирани сезони. Ако продолжиме вака, ќе удриме во ѕид. Светското првенство е толку голем настан што сум убеден дека нема да ја загуби својата репутација ако се одржува на секои две години. Фудбалерите сакаат да бидат најдобри на светот и сакаат да бидат најдобри на светот секоја година. Многу луѓе се против тоа затоа што го доживуваат Светското првенство емотивно, јас ги разбирам затоа што пораснале гледајќи го ова натпреварување на секои четири години Многумина од нив не го видоа целосно мојот концепт“, рече Венгер, поранешен тренер, кој денес е шеф на глобалниот развој на ФИФА.

Планот на Венгер е да го намали бројот на квалификациски натпревари.

„Патувањето на долги патеки и џет-лаг се многу штетни за играчите. Со намалување на квалификацискиот период, верувам дека и клубовите и играчите ќе имаат корист“.

Претходно, 166 фудбалски федерации членови на ФИФА гласаа за одобрување на физибилити студија за одржување на Светското првенство на секои две години. Венгер доби задача да го најде најдобриот начин да организира нов светски фудбалски календар.

Планот на Венгер е Светските првенства да се играат во парни години, а Европските првенства и другите континентални натпревари во непарни години. Во текот на сезоната, би имало пауза од еден месец или два, со цел да се одиграат сите квалификациски натпревари, наместо претходните пет пократки репрезентативни паузи. Тоа им гарантира на играчите пауза од најмалку 25 дена по завршувањето на големото натпреварување.

ФИФА ќе расправа за предлогот на Венгер на 30 септември.

Слични содржини