Претстојниот самит меѓу рускиот и американскиот претседател Владимир Путин и Доналд Трамп е значаен чекор напред за американската дипломатија, изјавил потпретседателот Џej Ди Венс.
„Претседателот ми рече денес: „Можеби ќе успее. Можеби не. Но, вреди да се проба“. Ќе продолжиме да го користиме дипломатското влијание на претседателот на Соединетите Американски Држави за да го завршиме овој конфликт“, рекол Венс во интервју за „Фокс њуз“.
Според Венс, САД не веруваат дека контактите меѓу рускиот претседател Владимир Путин и Владимир Зеленски пред самитот Русија-САД би биле продуктивни.
„Навистина не мислам дека би било продуктивно. Мислам дека во принцип претседателот на САД треба да биде оној што ќе ги зближи (двете страни). Секако, ќе разговараме со Украинците“, истакнал тој.
Потпретседателот на САД нагласува дека Вашингтон тргнува од сегашната линија на разграничување во решавањето на конфликтот во Украина и сака да најде решение со кое „и Русија и Украинците можат да живеат“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, сака Америка да престане да го финансира конфликтот во Украина, Американците се уморни од трошењето на своите даноци за тоа, рече потпретседателот на САД.
„Претседателот и јас сакаме Америка да стави крај на финансирањето на војната во Украина. Сакаме да постигнеме мирно решение. Сакаме убиствата да престанат. Американците се уморни од трошењето на своите пари, своите даноци, за овој конфликт“, вели Венс.
Тој додал дека ако Европејците сакаат да купат оружје од американски производители и да го проследат до Украина, Вашингтон нема ништо против тоа.
„Но, ние нема сами да го финансираме“, нагласил Џ.Д. Венс.