Верстапен очекува Луис Хамилтон да се прероди во Ферари

од Vladimir Zorba
25 прегледи

Луис Хамилтон ќе се „прероди“ во Ферари, убеден е Холанѓанецот Макс Верстапен, кој во претходните четири сезони ја освојуваше титулата во Формула 1.

Трансферот на Британецот Хамилтон, седумкратниот светски шампион, од Мерцедес во италијанскиот гигант е една од најдискутираните теми пред почетокот на новата кампања на 16 март во Мелбурн за Големата награда на Австралија.

Еден месец пред почетокот на трките, Верстапен и Хамилтон, заедно со нивните 18 колеги возачи од другите тимови, присуствуваа на специјалната церемонија синоќа во лондонската О2 Арена за неофицијалното отворање на 75-годишнината сезона во Формула 1.

40-годишниот Британец се приклучи на италијанскиот тим по 12 години минати во Мерцедес, со кого освои шест од седумте светски титули. Тој ја прекина 2,5-годишната серија без победа минатиот јули на Британското ГП, но заврши само седми во поредокот за возачи по уште една разочарувачка кампања која го остави 214 поени зад шампионот Верстапен.

Холанѓанецот е категоричен дека не му е потребна дополнителна мотивација во неговата потрага да го израмни рекордот на германската легенда Михаел Шумахер од пет последователни трофеи (2000-2004).

„Не ми треба некоја посебна мотивација, но за Луис, преселбата во Ферари е добра работа. Мислам дека во неговиот случај, промената на средината ќе биде на подобро, тоа ќе му даде дополнителен поттик. Кога сте во еден тим толку долго, сте освоиле многу, а потоа имате неколку лоши години, можеби вашата мотивација се менува. Така, сега тој ќе се чувствува како да е повторно роден“.

„Сите знаеме колку навистина е добар Луис, како и неговиот тимски колега Шарл (Леклер). Ферари сега има двајца возачи од врвна класа. Тоа е добро за нашиот спорт, но потенцијалниот успех зависи и од квалитетот на вашиот болид“, додаде Холанѓанецот.

Ферари тесно ја загуби битката за титулата кај конструкторите во 2024 година од Мекларен со само 14 поени разлика, а со некои промени во правилата, Ландо Норис од британскиот тим се смета за фаворит за освојување на шампионската титула.

„Секако очекувам дека Луис ќе биде меѓу претендентите за титулата. Ние и Ферари бевме прилично изедначени и завршивме многу блиску на крајот од минатата сезона, па очекувам тоа да продолжи и во претстојната кампања“, коментира извршниот директор на Мекларен, Зак Браун.

Директорот на тимот на Ред Бул, Кристијан Хорнер, верува дека начинот на кој Хамилтон ќе ја започне кариерата во Ферари ќе биде многу важен за него.

„Ако Луис добро ја започне сезоната и го обедини својот тим околу себе, тогаш сигурно ќе најде мотив и ќе биде вистински кандидат за светската титула“, изјави Хорнер.

„Во моментов изгледа многу амбициозен во неговата нова средина. Го слушнав како зборува на италијански пред неколку дена, убеден сум дека навивачите ќе го сакаат многу брзо ако е брз и постигнува резултати. А Луис може да се храни со енергијата на навивачите. Но, ако нема добар почеток на сезоната, работите сигурно ќе станат многу потешки за него“, додаде тој.

Слични содржини