Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен истакна дека ќе направи се за да го победи Луис Хамилтон во Мерцедес и на тој начин да ја обезбеди титулата шампион во Формула 1.
Пред последната трка сезонава, која викендов ќе се вози во Абу Даби, во генералниот пласман се изедначени Верстапен и Хамилтон со по 369,5 бодови.
Медиумите често ја споменуваа идејата дека судир на последната трка може да одлучи кој ќе биде шампион.
„Како возач не размислувате за тие работи“, рече Верстапен.
„Сакате само да го дадете најдоброто од себе и секако да се обидете да победите на трката. Медиумите зборуваат за тоа, но немам коментар. Дојдов тука да дадам се од себе и да бидам максимално подготвен“.
Холандскиот возач истакнува дека не би сакал шампионската титула да зависи од одлуката на управата на трката.
„Не знам што ќе се случи, но се случија некои контроверзни работи. Не можеме ништо да направиме во врска со тоа. Треба да бидеме фокусирани на овој викенд. Секако дека и двајцата сакаме да победиме и треба да размислиме за тоа“, изјави Макс и додаде:
„Очигледно, за мене важат различни правила отколку за некои други возачи. Некои работи не ми се дозволени, а на други се. Но, ќе дадам се од себе за да победам на оваа трка. Сигурен сум дека ќе приредиме шоу за сите“.
Запрашан дали Хамилтон има супериорен болид, Верстапен одговори:
„Тешко е да се споредува, бидејќи никогаш не сме седнале зад нивниот волан. Очигледно е дека беа исклучително силни на последните неколку трки и дека беа потешко да се победат. Но, тука е поинаква патеката, ќе дадам се од себе да извлечам максимум од себе и од болидот“.