Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен денеска им се заблагодари на сите во тимот кои му помогнаа да ја освои четвртата последователна титула во Формула 1 шампионатот.
Холандскиот возач го освои петтото место на денешната трка за Големата награда на Лас Вегас и со тоа создаде недостижна бодовна предност пред Ландо Норис од Мекларен на две трки до крајот на шампионатот во Формула 1.
„Каква сезона, четири пати. Благодарам на сите, благодарам на сите во тимот“, рече Верстапен преку тимското радио откако ја мина целта и прими честитки за освојувањето на четвртиот шампионат во Формула 1.
Тој изјави дека чувствува олеснување, но и дека е многу горд на успехот.
„Стоењето овде како четирикратен светски шампион е нешто што никогаш не мислев дека ќе биде возможно“, изјави холандскиот возач, пренесе Би-Би-Си.