Четирикратниот светски шампион Макс Верстапен го предупреди тимот на Ред Бул дека следните неколку трки ќе бидат важни за неговата иднина во Формула 1.
Иднината на Холанѓанецот е предмет на шпекулации од почетокот на сезоната, иако има договор со Ред Бул до крајот на 2028 година. Сепак, со оглед на падот на перформансите на „биковите“ во последните 12 месеци, многумина веруваат дека Верстапен ќе го напушти Милтон Кинс на крајот од оваа сезона, цели три години пред да му истече договорот.
Самиот Верстапен пред неколку недели изјави дека нема намера да го напушти тимот со кој ги постигна сите свои успеси во спортот. Сепак, тој сега за „Де Телеграф“ изјави дека настапот на Ред Бул ќе биде одлучувачки за неговата иднина и не ја исклучил однапред можноста да се раздели со „биковите“.
„Тешко е да се предвиди што ќе се случи со новите правила следната година. Тогаш сè во спортот ќе биде повторно ново. Секој може да каже дека знае кој има најдобри квалификации, но никој не може ништо да каже со сигурност.“
„Единствениот тим кој во моментов се справува добро е Мекларен. Болидите и моторите следната година ќе бидат различни, но ако ја задржат својата предност во однос на гумите, тоа ќе биде важно и ќе бидат брзи и следната година. Секогаш размислувам за мојата иднина, мисли за неа ми поминуваат низ глава. Дури и во добрите години. Од друга страна, во моментов сум смирен во врска со тоа.“
„Секогаш му кажував на тимот дека имам намера да останам. Освен ако работите не тргнат навистина чудно. Но, во моментов не размислувам за заминување. Сакам да видам како ќе се развива остатокот од сезоната, или барем дел од неа. Тимот може да направи убави и големи чекори напред. Следните трки ќе бидат многу важни, и за мојата иднина. Не зборувам ни за следната година, туку генерално. Мислам дека сите во тимот се свесни за тоа. Во што е проблемот? Ако навистина можевме да го избереме нашиот тим само врз основа на перформансите, би го менувале речиси секоја година. Но, секако дека не можеме“, прокоментира Верстапен.