Верстапен: Страшно е што на 37 години Хамилтон се уште учи

од Vladimir Zorba
224 прегледи

Сите се сеќаваме на судирот меѓу Луис Хамилтон и Макс Верстапен во првиот круг од минатогодишното Гран При на Велика Британија. Тогаш тие се допреа на аголот „Копс“, а контактот го испрати Верстапен во гумениот ѕид со над 250 км/ч.

Една година подоцна, на истиот свиок, Хамилтон повторно се најде во ситуација да се бори „гума до гума“ со свој ривал, овој пат со Шарл Леклер. Сепак, сега немаше контакт, иако имаше помалку простор за Хамилтон на внатрешната страна на кривината во споредба со она што му го остави Верстапен пред една година.

По минатонеделната трка, седумкратниот шампион го пофали Леклер за каков разумен возач бил откако го заврши тој маневар од надворешната страна на свиокот. Сепак, овој коментар не му се допадна на Верстапен, кој веднаш го нападна својот поранешен ривал за титулата.

„Мислам дека е страшно како на 37 години сè уште можете да учите како да го достигнете врвот на кривината. Тој учи, што е позитивно. Одлично е младите возачи да знаат дека и на 37 години се уште учиш“, изјави актуелниот светски шампион за холандските медиуми на пистата „Ред Бул Ринг“.

„На снимката јасно се гледа разликата во однос на минатата година. Мислам дека Шарл му остави помалку простор отколку јас пред една година. На крајот на краиштата, тој (Луис) беше казнет минатата година, така што нема смисла повеќе да се зборува за овој инцидент“, додаде возачот на Ред Бул.

Слични содржини