Екс-разузнавачот Верушевски денеска седна на обвинителната клупа за неовластено поседување оружје. При распитот тој рече дека МВР никогаш не му го побарало пиштолот марка „Црвена застава“ кој го поседувал од 1982 година по вработувањето во МВР.
„Моделот на оружјето од денешна перспектива нема ниту материјална вредност, ниту има огнена моќ, ниту институцијата во чија сопственст е оружјето покажала интенција за враќање на сопственото оружје. Тоа за мене претставуваше голема придобивка затоа што за мене тој пиштол претставува идентификација, симболика и посветеност на безбедносните структури на Македонија. МВР со ниту еден правен акт нема адресирано барање до мене за да го вратам оружјето. Оваа ситуација настана како последица на административно-правни недоследности во спроведувањето на надлежностите на МВР“, рече Верушевски.
Расправата беше одложена по барање на одбраната и презакажано нејзино продолжување на 15-ти јуни.
Два пиштола беа пронајдени при претрес на неговиот дом. Според адвокатот на Верушевски едниот му е подарок – награда на полициската служба, а МВР тврди дека тој не поседува дозвола за оружјето. Верушевски е во притвор за случајот „Пуч“.
