Весели за Хашкото обвинителство: Обвинението е политички мотивирано, тврдењата се невистинити

од Nikola Popovski
137 прегледи

Претседателот на Демократската партија на Косово, Кадри Весели, изјавил дека објавувањето на обвинението, со тврдења дека се обиделе да ја блокираат работата на тој суд, било политички мотивирано, а фактите се невистинити, пренесува Коха.

„Канцеларијата на Специјалниот обвинител во рамките на Специјалниот суд денеска издаде соопштение за печатот, во кое објави дека поднела обвинение против мене и претседателот Тачи. Како потег без преседан, обвинителот даде изјава пред судот да ги потврди или да ги поништи наводите во обвинението“, рече Весели на прес-конференција.

Според него, во изјавата, обвинителот се обидел да ја оправда „неговата неправедна и невообичаена одлука, тврдејќи дека претседателот и тој се обиделе да ја попречуваат работата на Специјалниот суд“, пренесува „Косово онлајн“.

„Наведените сомневања се целосно невистинити и не се поткрепени. Исто така, не постојат основи за тврдења за нарушување на работата на судот. И таквата изјава е невистинита и загрижувачка“, вели Весели.

Тој вели дека сè уште постои сомнеж дека вистинските мотиви на овој обвинител се целосно политички.

„Со оглед на времето и околностите, неколку дена пред состанокот во Белата куќа, постои исправно сомневање дека тоа не е случајност. Ниту еден обвинител не смее да дозволи неговите одлуки да бидат водени од политички мотиви. Ги предупредувам граѓаните на Косово дека овој процес не може да биде веродостоен во однос на непристрасна правда, затоа што е под влијание на политички околности. Тој се обидува да ги прикрие вистинските мотиви со противречни изјави, кои се чини дека се политички “, изјавил Весели.