Судењето против поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири кое беше закажано за 21-ви февруари, ќе биде одложено откако стигна психијатрискиот наод за неговата здравствена состојба.
-Заради интерес на медиумите и невладините организации кои ја следат главната расправа за предметот со КОК бр. 193/22 против обвинетиот М.З., насрочена за 21 – ви февруари, ја информираме јавноста дека расправата се отповикува со оглед да е добиено вештачење изработено по наредба на судот од вештак – психијатар, според кое обвиентиот заради здравствени пречки не е во можност да го следи следното судење.
Главната расправа ќе продолжи на следниот насрочен термин на 13.03.2023 година 10:00, а за евентуално ново одлагање на расправата јавноста и странките ќе бидат благовремено известени, информираат од Кривичниот суд.
Според обвинението, Зеќири, како службено лице генерален секретар на Владата, со умисла извршил две временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело.
Зеќири се товари дека преку овие дејствија го оштетил државниот буџет за 89.385.255,00 денари.
Судскиот процес ќе го води судијката Фанка Јанчулева – Михаиловска. Истата судијка во моментов му суди и на поранешниот генерален секретар на владата, Драги Рашковски.