Весиќ чека средба со Николоски за брзата пруга, желба за поврзување изразил и Мицотакис

од Nikola Popovski
75 прегледи

Во 2028 година готова ќе биде и брзата пруга Белград-Ниш. Се работи и на делницата од Ниш до македонската граница, за што Белград ќе аплицира за средства од ЕУ, најави српскиот министер за градежништво, сообраќај и инфраструктура, Горан Весиќ.

Тој во изјава за МТВ истакна дека во моментов работат на пругата Белград-Ниш, долга 230 километри, но и на делот од 23 километри од пругата Ниш-Брестовац кон Скопје.

„До крајот на годината го завршуваме и проектот кој е финансиран од ЕУ за делот од нашата пруга од Брестовац до Прешево. Согласно со договорот што го потпишавме со Владата на Северна Македонија, го очекуваме тоа што го предложи, да го проектира и својот дел од Прешево до Скопје. Тоа е една од двете делници на кои Србија сака да работи и кои ги номинира од овој нов План за раст на Западен Балкан. Го чекам вашиот нов министер, Николовски да се сретне со мене“, изјави Весиќ.

Според Весиќ, пругата би имала просечна брзина до 200 километри на час, а годинава желба за поврзување на Белград и Скопје со Солун и Атина изразил грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

„Кога премиерот Мицотакис беше во Белград, имавме средба, а потоа нè известија дека ја реконструираат пругата меѓу Солун и Атина и рекоа дека ќе проектираат, веројатно со средства од ЕУ, 75 километри од пругата од Солун до границата со Северна Македонија“, нагласи Весиќ.

Македонија и Србија лани во ноември потпишаа Меморандум за соработка за воспоставување на железничка мрежа со високи перформанси како дел од железничкиот Коридор 10. Меморандумот беше потпишан во Владата на Република Србија од страна на тогашниот министер за транспорт и врски Благој Бочварски и Весиќ, во присуство на тогашните премиери Димитар Ковачевски и Ана Брнабиќ.

Се работи за пруга која што треба да се изгради во должина од околу 50 километри на територијата на Македонија во првата фаза, а интенцијата е коридорот 10 комплетно да биде изграден со нова пруга која што ќе биде од Скопје до Солун, потоа од Солун до Пиреа и Атина.

„Комерцијалната брзина на оваа пруга ќе биде најмалку 160 km/h, инаку веќе Министерството за транспорт и врски на Србија разговара и за зголемување на оваа брзина преку документација која се прави во Србија за патничките возови што ќе овозможи навистина брз проток она што на Балканот не сме го имале, а што сме го гледале во земјите од Западна Европа“, изјави Ковачевски во ноември.

Слични содржини