Веспрем повторно пресилен во Скопје, Вардар патува на реваншот со минус 8

од Nikola Popovski
351 прегледи

Во првиот натпревар од осминафиналето на ЕХФ Лигата на шампионите, екипата на Вардар беше поразена од Веспрем со 22:30 (11:15). Слично како и во претходното издание на елитното натпреварување, кога двете екипи се сретнаа во оваа фаза, унгарскиот претставник заврши огромен дел од работата во првиот натпревар во СЦ „Јане Сандански“. Очигледно реваншот кој е на програмата следната среда ќе биде чиста формалност.

По стартните 0:2, избраниците на Дејвид Дејвис одиграа одлична одбрана, осум минути ја чуваа мрежата и ја свртеа на 4:2 на крилата на расположениот Филип Талески. Во тешка, машка борба, со одбрани на двете страни, домаќинот ја чуваше таа предност нешто помалку од 20 минути, но Веспрем целосно го доби финишот на првиот дел, па на одмор отиде со плус четири.

Во првата минута од вториот дел, Вардар намали на 15:12, па пропушти можност уште повеќе да се доближи, за што беше жестоко казнет. Во следните десет минути не само што беше решено прашањето за победникот на мечот, туку многу веројатно и комплетниот дуел.

Со два одбранети зицери на Коралес, две загубени топки и четири погодени стативи, гостите поведоа со големи 12:20. Двократниот европски првак не успеа да го совлада Коралес повеќе од 12 минути, а не помогна многу ниту кога Дибиров ја прекина црната серија.

Чупара вторпат го запре седмерецот на Дибиров, а потоа одбрани чист гол по одбивањето, пред Нилсон да погоди во 46. минута за двоцифрена предност – 13:23.

Избраниците на Дејвид Дејвис успеаја да погодат и барем да избегнат двоцифрен пораз. Брзо намалија на минус седум, но не можеа да се доближат повеќе од тоа. Се освен пласманот на Веспрем во четвртфиналето каде го чека Алборг веројатно би била најголемата сензација во историјата на натпреварувањето.

Најдобар поединец на дуелот беше Родриго Коралес со 17 интервенции, од кои 11 во вториот дел. Имаше феноменална поддршка во Владимир Чупара. И покрај само неколку секунди ефективна игра поминати на теренот, српскиот репрезентативец успеа да се истакне со одбранети три седмерци.

Слични содржини