Новиот сопственик на Челси, Тод Боли имал состанок со Жорге Мендеш за можен сензационален трансфер на Кристијано Роналдо на Стемфорд Бриџ. Оваа вест од „Атлетик“ синоќа ги разбранува духовите на Островот. Според информациите, разговорите се воделе минатата недела, кога се почесто почнале да се појавуваат информации дека Португалецот е крајно незадоволен од тоа како се развива селекцијата во клубот и почнува да губи надеж дека „црвените ѓаволи“ ќе имаат тим способен да освојува титули за следната сезона. Токму поради оваа причина се појавија гласини дека Роналдо би можел да се пресели во Баерн (Минхен) или Рома.
Сепак, веста за разговори со сопственикот на Челси најмногу го фрустрира раководството на Манчестер Јунајтед. Според „Мирор“, веднаш откако таа излегла, на таборот на Роналдо јасно дале до знаење дека немаат намера да го продаваат на друг клуб и очекуваат тој да го исполни договорот со Манчестер Јунајтед од кој остануваат уште 12 месеци. Новиот менаџер на тимот Ерик тен Хаг веќе ја испланирал сезоната и настапот на својот тим со присуство на Кристијано во неа, па „Олд Трафорд“ има намера да се држи до неговиот план.
Во меѓувреме, „Сан“ откри дека поранешниот клуб на ЦР7, Спортинг исто така стапил во контакт со играчот за да дознае дали навистина има намера да го напушти Манчестер Јунајтед и да му понуди враќање во Лисабон, каде следната сезона ќе има поголема шанса да се бори за трофеи, нешто за што најмногу е заинтересиран Роналдо.