Бугарија ќе ѝ ги даде на Турција трите агрегати за струја, кои претходно ѝ ги вети на Северна Македонија.
Бугарското МВР претходно соопшти дека ќе подари агрегати на граничните премини со Македонија, откако во саботата на 4-ти февруари падна системот за контрола на ГП „Деве Баир“ за влегување и излегување во земјава, при доаѓањето на бугарските граѓани кои сакаа да оддадат почит на гробот на Гоце Делчев.
Денеска министерот за внатрешни работи на Бугарија, Иван Демерџиев изјавил дека генераторите ќе бидат пренасочени кон Турција.
-Се надевам дека Република Северна Македонија ќе најде сили и средства за подобра контрола на границите, рекол Демерџиев.
БНР во неделата објави дека на ГП „Деве Баир“ го откажале приемот на агрегатите за струја.
Од нашето МВР за „Локално“ информираа се уште не постигнале договор според кој може да ја прими ветената донација од агрегати за струја што претходно ја најави официјална Софија.
-Согласно законските прописи без договор институцијата не може нит да прими нит да предаде донација. За секоја наша институција е така, а нивните прописи не ги знаеме, кратко не информираа од полицијата.