Ветераните на УЧК бараат извинување од Курти за изјавата за албанскиот јазик

од Nikola Popovski
154 прегледи

Здружението на ветерани на УЧК од Македонија реагирало на изјавата на косовскиот премиер Албин Курти во врска со употребата на албанскиот јазик во земјава, барајќи од него да се извини, објавија дел од медиумите на албански јазик во земјава.

Ветераните на УЧК од Македонија преку писмо побарале од Курти да се извини и да ја повлече таа изјава.

Според нивната оценка, изјавата на Курти претставува „кршење на крвта на слободата и Уставот на Северна Македонија“.

Курти на прес-конференцијата со македонскиот премиер Христијан Мицкоски во Приштина, каде што пред три дена владите на двете земји одржаа заедничка седница, одговарајќи на новинарско прашање за можноста за загрозување на албанскиот јазик во Македонија, рече дека треба да се почека одлуката на Уставниот суд, кој, според косовскиот премиер, нема да направи ниту исклучување ниту дискриминација и го почитува повеќејазичниот карактер во земјата.

-Ова прашање е на Уставниот суд во С.Македонија. Три одредби од Законот за употреба на јазиците се доставени до Венецијанската комисија. Тие три одредби парадоксално никогаш не се применети во минатото. Сега Уставниот суд тоа треба да го оцени, кажа Курти.

-Во С Македонија нема закон за употреба на албанскиот јазик ниту, пак, имало во минатото. Постои Закон за употреба на јазиците што го говорат најмалку 20 отсто од граѓаните. А, тоа не е закон за албанскиот јазик, туку Закон за употреба на јазиците, додаде косовскиот премиер.

Додека опозиционерите го критикуваа Курти, претставниците на партиите на Албанците од власта ја оценија за коректна изјавата на косовскиот премиер во која тој кажа дека треба да се почека одлуката на Уставниот суд, кој, според него, нема да направи ниту исклучување ниту дискриминација и го почитува повеќејазичниот карактер во земјата.

Слични содржини