На крајот на јули, Стопанската комора на Србија го објави новиот бизнис водич за пазарот на Македонија, наменет за компании кои сакаат да започнат или прошират бизнис, извезуваат или инвестираат во нашата земја. Како што пренесува „Бизнис инфо“, водичот ги потенцира растечките економски врски меѓу двете земји, трговската размена од над 1,3 милијарди евра, можностите за заеднички проекти во инфраструктурата, енергетиката, земјоделството, ИТ секторот, како и улогата на иницијативата Отворен Балкан во олеснување на соработката и поттикнување на инвестициската клима.
Вкупната трговија со стоки меѓу Србија и Македонија во 2024 година изнесуваше 1,39 милијарди евра, што претставува зголемување од 0,3 проценти во споредба со 2023 година, кога изнесуваше 1,38 милијарди евра.
Извозот од Србија во Македонија достигна 947,3 милиони евра, што претставува намалување од 1,1 процент, додека увозот од Македонија се зголеми за 3,3 проценти, изнесувајќи 443 милиони евра.
-Суфицитот на Србија во надворешната трговија изнесуваше 504,3 милиони евра, покажуваат податоците на Републичкиот завод за статистика (РЗС).