Ветингот ќе создаде вонредни проблеми, искуствата од регионот укажуваат на потребата од внимателност

од Берта Китинска
385 прегледи

Ветингот како вонредна мерка ќе создаде вонредни проблеми, особено што кај нас беше најавен во предизборен контекст, нејасно дефиниран и затоа не може да се зборува за резултати од тој процес. Искуствата од регионот укажуваат на потребата од особена внимателност и сеопфатна дебата за процесот на ветинг, додека според експертите подобро решение за нашите околности е проверка на интегритетот и капацитетот преку постоечките институции.

Ова се пораките од дијалогот за политики „Ветинг – наметната или изводлива опција за Република Северна Македонија“, што се одржа денеска во Скопје во организација на Институтот за европска политика – Скопје (ЕПИ).

Малинка Ристевска Јордановска од Институтот за европска политика, обидувајќи се да резимира по дијалогот рече дека најважно од целата дебата е што ние се уште не знаеме за каков ветинг имаме залагање.

– Имаме залагања од политички партии и од одредени стручни лица, додека од друга страна имаме големи спротивставувања на ветингот, имајќи предвид дека во нашата држава веќе подолго време функционира една солидна законски и институционална рамка, која што треба да овозможи редовност во правилниот избор и одговорноста на судиите, изјави Јордановска.

Според судијката Мирјана Лазарова Трајковска, целта на едно прочистување на судството треба да биде јакнење не само на судството и довербата во судството, туку и на институциите кои имаат надлежност да работата на прочистување на судството од судии кои се корумпирани или поврзани со криминални елити.

– Нашиот проблем е слабото функционирање на институциите генерално. За да дојде до видливост дека нешто не е во ред со судството, тоа само по себе повлекува дека институциите кои што го носат предметите во судството и самите не функционираат онака како што се очекува во една земја со демократски механизми. Треба да се исчистат институциите од непрофесионалци. Долго време институциите, не само во правосудниот систем, туку и во државната управа, администрацијата и полицијата се полнеа со партиски кадри и луѓе без потребно знаење и искуство. Сега е момент да им се помогне на тие институции да ја свртат страницата кон професионализмот, да останат оние што се кадарни да се носат со задачите кои им се доверени, изјави Лазарова Трајковска.
Судијата Владимир Туфегчиќ, кој присуствуваше на дијалогот, повика на почитување на независноста на судската власт, укажувајќи дека политички консензус за нешто во судство не може да се постигне никогаш, зошто тие две работи не се споиви. Смета дека ветингот е несоодветно решение, особено што произлегува од политичка дебата во која не се прави разлика помеѓу совесното работење и стручноста со корупција, посочувајќи дека и досега институциите можеле и требале да го следат работењетоа на судиите.
Од друга страна, професорката Слаѓана Тасева, укажаа дека е неопходно да се види контекстот, каде сме и да се одговори зошто оваа тема повторно се отвора, особено што ние и во 2003 година имавме проверка на финансиска состојба на судии, но институциите очигледно не ги исполнија очекувањата.

На форумот учествуваа претставници од правосудниот систем, од Министерство за правда, Здружението на судии, од политички партии, претставници од граѓански организации кои работат во областа на правосудството како и од дипломатските мисии во Република Северна Македонија.

Дијалогот се спроведува во рамки на проектот „Партнерство Јустиција: Враќање на довербата на граѓаните“, кој го спроведуваат Институтот за европска политика и Асоцијацијата ЗЕНИТ, а е финансиран од Европската Унија и кофинансиран од Владата на Република Северна Македонија.

Слични содржини