Ветингот на „стенд бај“ до изборите

од Aleksandar Petrovski
357 прегледи

Дебатата за ветинг, како и започнувањето на процесот не може да се заврши пред изборите, рече министерката за правда Рената Дескоска, образложувајќи дека за да се почне процес на ветинг во правосудството потребно е двотретинско мнозинство во Парламентот, додека претседателот на Советот на јавни обвинители Ацо Колевски во однос на ветингот посочи дека не е проблем само малиот број на обвинители, туку и тоа што на јавното обвинителство му е загарантирана самостојноста согласно Уставот и треба да се внимава тоа да не биде прекршено.

– Тоа е реалност, ниту еден процес не треба да биде избрзан. Драго ми е дека веќе се јакне свеста и се отвора дебата и во рамките на самите правосудни институции дека потребни се одредени корекции во нивното работење, така што тоа 99 отсто, ако не и 100 отсто ќе остане за после изборите, нагласи Дескоска.

Во однос на моделот и кој ќе го спроведе, Дескоска рече дека се можни повеќе варијанти, односно една варијанта е да се врши ветинг од страна на заедничка комисија која ќе испитува повеќе аспекти, но можно е тоа да оди и преку активност на повеќе институции.

– Можни се повеќе варијанти, една варијанта е дека може да се врши ветинг од страна на заедничка комисија која ќе испитува повеќе аспекти, но исто можно е и прочистувањето да оди преку активност на повеќе институции почнувајќи од постојни институции кои постојат во комбинација со вршење на нивните надлежности, но имаме и модели што ги гледаме дека постојат и се спроведувале во други земји, односно комисија што целосно ја презема таа надлежност и го спорведува процесот. Тоа треба да биде процес договорен со консензус од двотретинско мнозинство, рече Дескоска.

Колевски смета дека Советот на јавни обвинители би требало да учествува во процесот на ветинг и тоа да се спроведе со внатрешни сили.

– Најпосле тука е Владата која го именува јавниот обвинител и надзор врз работењето на јавните обвинители секогаш врши повисокото јавно обвинителство, односно јавниот обвинител така да во секој момент тој може да нареди да се изврши вонредна контрола врз работењето на јавните обвинители покрај редовната контрола што се врши два пати годишно, рече Колевски.

Тој додаде дека во процесот на ветинг може да се вклучат и меѓународни структури, но само како советници, затоа што целата операција околу стручното работење на јавните обвинители го врши самото јавно обвинителство.

Колевски смета дека домашните институциите треба секојдневно да вршат проверки ако има сомневање за извршена корупција и веднаш да стапат во дејство, а не да се чека посебна акција.

– Тоа е нивна работа и овластување согласно Уставот и законите, доколку тие затаат тогаш грешката е во нивна страна, односно тука се работи за нивно неработење во откривањето на криминалитетот, оцени Колевски.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи истакна дека ДУИ сака добро да го осмисли ветингот за да се се врати кредибилитетот на носителите на јавни функции.

Слични содржини