Вето на Швајцарија за испорака на тенкови во Украина

од Stefanija Kuzmanovska

Швајцарија стави вето на планот за извоз на околу 100 борбени тенкови „Леопард“ во Украина, повикувајќи се на закони за неутралност, што веројатно ќе ги поттикне критиките од сојузниците на НАТО, кои со месеци ја притискаа владата во Берн да го ублажи своето рестриктивно толкување на нејзината долгогодишна политика на неутралност.

Тенковите никогаш не биле во употреба во Швајцарија, никогаш не биле наменети за употреба од швајцарската армија и не биле сместени во таа земја, пишува Фајненшл тајмс. Сите 96 тенкови се складирани во Италија, а италијанската армија ги набави во 2016 година преку приватна трансакција од швајцарскиот производител на оружје Руаг.

„Сојузниот совет заклучи дека продажбата на 96 тенкови не е можна според постоечкиот закон. Поточно, таквата продажба би била кршење на Законот за воени материјали и би резултирала со отстапување од швајцарската политика на неутралност“, рече швајцарската влада, која се приклучи на западните економски санкции против Русија и повика на повлекување на руските трупи од Украина.

Германскиот канцелар Олаф Шолц во април ја критикуваше швајцарската влада за нејзината „неутралност“ во блокирањето на испораката на муниција од швајцарско производство што Берлин има намера да и ја достави на Украина. Во таа прилика Шолц истакна дека и Германија има традиција да не доставува оружје во воените зони, но дека овој став е укинат поради Украина.

Швајцарскиот претседател Ален Берсет одговори, како што пренесува Еурактив, дека неутралноста значи дека Швајцарија воено не поддржува ниту една страна во конфликтот. Тој потсети дека во Швајцарија е основана Женевската конвенција, како и седиштата на меѓународните тела, како што се ОН и Црвениот крст. Затоа, неутралноста е „исто така прашање на кредибилитет“, рече Берсет.

Слични содржини