Ветувачки почеток на единствениот пазар на труд на Отворен Балкан: За две недели 2.000 граѓани пројавиле интерес за работа

од Vladimir Zorba
476 прегледи

За неполни две недели откако се отвори единствениот пазар на труд во рамки на проектот „Отворен Балкан“, 2000 граѓани од нашата држава, Србија и од Албанија изразиле интерес за работа. Од нив една третина или повеќе од 700 се Македонци, а речиси подеднаков е и интересот на српските и албанските државјани. За надлежните, почетокот е ветувачки.

„Бројката од 2000 заинтересирани граѓани вкупно од сите три држави е добар почеток на мерката за слободен пристап до пазарот на труд. За конкретните работни места ќе може да се зборува откако заинтересираните ќе почнат да наоѓаат работа, за што е потребен период на анализа. За да ја имаат таа можност, треба да се почека да се издадат сертификатите за слободен пристап до пазарот на трудот. После шест месеци ќе можат да се направат првите анализи на конкретните бројки и профили“, изјави за „Локално“, Нола Исмајлоска Старова- Национален координатор за регионална соработка и европски интеграции.

Нола Исмајлоска Старова

Нола Исмајлоска Старова

Она што во моментов е познато е дека на нашите соседи најмногу им требаат кадри од градежништвото, трговијата, хотелиерството и угостителството. Станува збор за кадар кој е дефицитарен и кај нас, па оттука стравувањата дека може да дојде до одлив на работници за многумина е оправдана.

Според Андреа Серафимовски од Стопанска комора на Северна Македонија, целиот концепт на единствен пазар на работна сила во рамките на Отворен Балкан може да се анализира како во позитивна, така и во негативна крајна смисла.

Андреа Серафимовски

Андреа Серафимовски

„Многу е погубно кога на пазарот настапувате како најнеразвиена држава во смисла на ниски плати во градежниот сектор и отсуство на градежна експанзија, а од другата страна имате не само повисоки плати, туку и огромна градежна активност која според проекциите, ќе продолжи и во иднина со несмалено темпо. Оттука и стравувањето дека ќе се соочиме со одлив на кадар во градежниот сектор, и ова е секако негативниот контекст којшто претходно го споменав. Позитивните ефекти ќе можеме да ги почувствуваме само доколку се поттикнат градежните компании да излезат од земјава и да почнат да работат на пазарите во рамки на Отворен Балкан каде поради актуелната градежна експанзија веќе работат фирми кои доаѓаат од држави надвор од регионот. Секако дека ќе имаме придобивки доколку успееме нив да ги замениме“, изјави Серафимовски за „Локално“.

Од друга страна, според претседателот на Асоцијацијата на угостители од охридско- струшкиот регион, Крстe Блажески, стравувањата за одлив на работници во туристичко-угостителскиот сектор не се оправдани бидејќи нема големи разлики во платите. Потсетува дека подеднакво важна ставка во конечната пресметка се и трошоците за престој, па оттука како што вели тој, единствените кои можеби ќе заминат се експертите односно мајсторите во одредена област.

Крсте Блажески

Крсте Блажески

„Мерката е добра, секое движење на работната сила е позитивно за сите држави бидејќи тоа што ние како држава го добиваме од таквиот проект го добиваат и другите. На сите ни се потребни професионални работници, на пример шеф за подготвување на морска храна од Албанија што кај нас го нема. Таков искусен кадар може да се изнајми од страна на некој ресторан за една сезона. Исто така многу е дефицитарен на пример скараџија за лесковачка скара и тој е баран и во Грција, бидејќи станува збор за прочуен деликатес и таков мајстор се бара. Но, тоа се мал број на работници и нема значително да ја променат сликата за вработувањата“, вели Блажески за „Локално“.

Алармира дека дестинациите во кои најмногу заминуваат нашите работници остануваат државите од Западна Европа, а во последно време најактуелна е Хрватска. Таквата ситуација според него предизвикува критичен недостиг на работници поради што хотелите се принудени да вработуваат и лица без соодветни квалификации.

Во меѓувреме, додека тече процесот на пријавување за единствениот пазар на труд во Отворен Балкан, надлежните ги потсетуваат заинтересираните лица дека првиот чекор којшто треба да го направат е да се логираат на својот профил на порталот за електронски услуги.

„Потоа заинтересираниот поднесува барање за идентификациски број за Отворен Балкан, кој веднаш го добива. Со тој број аплицира за сертификат за слободен пристап до пазарот на труд во земјата кадешто сака да работи”, вели Нола Исмајлоска Старова.

Во насока на поцелосно информирање е и податокот дека процедурата е предвидено да трае помалку од 30 дена.

К.В.С.

Слични содржини