Ветувања како од бајка: Ќе биде ли Скопје зелена оаза или повторно загадена депонија по изборите?

Имаат ли партиите капацитет да ги спроведат зелените политики кои ги најавуваат во кампањата?

од Бисера Трајковска
19 прегледи

Во фокусот на изборната кампања несомнено беа и зелените политики кои кандидатите планираат да ги спроведат. Заштита на животната средина останува како врвен приоритет кај голем дел од партиите, но се поставува прашањето колку од досега слушнатото, вистински ќе се спроведе по изборите?

Горјан Јовановски од Зелен хуман град за „Локално“ вели дека Скопје секои четири години звучи како да ќе биде зелена оаза, а останува загадена депонија. 

-Со помош на ChatGPT сега се многу инвентивни, со проекти кои ниту се технички издржани, ниту финансиски, туку само убави приказни за да се дограбаат до некој глас кој уште слепо верува на партиите и нивниот „капацитет“ да ги спроведат овие проекти. Скопје секои четири години звучи како да ќе биде зелена оаза, а останува загадена депонија, вели Јовановски.

Тој посочува дека реални проекти како тие што Зелен хуман град ги предлага, се гледаат како инфериорни затоа не звучат екстравагантно, но се базирани на вистински финансиски и капацитетни анализи. 

-Сакаме да веруваме во бајки или винстински можности?, додава Јовановски.

Тој потенцира дека не очекува никаква вистинска промена од партиите по изборите. 

Како што додава, сето тоа е предизборна кампања на празни ветувања. 

-Не верувам во ниту едно ветување од партии кои можеа овие 35 години да се докажат дека можат да ги имплементираат нивните ветувања. Не се правам луд да очекувам дека „овој пат сигурно нема да ме излажат“. Ќе почнеме брзо да слушаме изговори „претходната власт ни остави проблеми…“, „нема буџет…“, „пропадна тендерот…“ или само молк, посочи Јовановски.

Тој е на ставот оти мора да сфатиме дека системски големите партии имаа време да покажат дека не се само црна дупка за пари и убави желби, и тоа не го направија. 

-Искрено се надевам дека ќе има градоначалник што навистина ќе работи за Скопје, но според предвидувањата на овие избори, ќе имаме иста приказна ко сите овие претходни години, додаде Јовановски.

Тој смета дека ако ние како граѓани не покажеме дека нема да се вртиме во круг, ништо не очекува да направи новиот градоначалник.

Б.Т.

Слични содржини