Изборната кампања деновиве е во полн ек. Партиите продолжуваат со своите активности на терен, а граѓаните уште неколку дена ќе бидат сведоци на различни реторики и ветувања од страна на кандидатите кои претендираат да седнат на градоначалничкото столче.
Политикологот и комуниколог Иво Босилков за „Локално“ вели дека екстремно негативниот тон на кампањата е одраз на состојбата на општеството и тука, како што посочува, долгорочниот тренд е очигледен.
-Партиите ја исцрпија сета доверба кај граѓаните во нивните капацитети и намери. Тие немаат избор освен напади на противникот, бидејќи се свесни дека толку пати досега излажале, што секое ветување е веќе празно. Меѓутоа оваа стратегија е неодржлива на долг рок бидејќи создава таква апатија и демобилизација што наскоро навистина ќе нема ниту кој да се кандидира, ниту кој да гласа, потенцира Босилков.
Тој е на ставот дека се наоѓаме во критичен момент на таканаречената спирала на цинизмот.
-Политичари од кариера како Николоски и Филипче и нивните аналитичари упорно се прават слепи за фактот дека широко мнозинство од популацијата едноставно не гледа разлика меѓу нив и одбива да гласа за било кој. Веќе се појавуваат и иницијативи како „Од Корен“, кои јавно повикуваат на поништување на гласачкото ливче и заобиколување на партиските центри на моќ преку референдуми. Мислам дека во блиска иднина ќе се случат тектонски промени на политичката сцена и движења кои никнуваат одоздола ќе ја редефинираат улогата на партиите во државава, додава Босилков.
Изборната кампања доминира со темите поврзани со предавства, со Бугарија.. наместо со реалните проблеми – валкан град, аерозагадување, немање јавен превоз.
Босилков вели дека за ова постојат две причини.
-Првата веќе ја спомнав. Јавен превоз и загадување се конкретни политики кои биле ветувани со години и децении. Многу лесно е само да се погледне наназад и да се види дека не биле исполнети. Така што секој поголем фокус на овие прашања само повеќе ја навредува интелигенцијата на народот. Од друга страна таканаречените национални теми се апстрактни и предмет на висока политика. Околу нив борбата условно речено уште трае и демек може да се добие и затоа тука има поголем потенцијал за привлекување гласачи, додава Босилков.
Втората причина, како што вели, е дури и поедноставна – затоа што локалните прашања се реални, тие бараат рационално соочување со нив и размислување за практичните решенија.
-За тоа е потребен повеќе капацитет, кој политичарите немаат никаков интерес да го градат кај нивните субјекти. Од друга страна, националните прашања се симболични и со нив луѓето се поврзуваат на емотивно ниво. Тоа политичарите го знаат и го експлоатираат. Ако си политичар кој е заинтересиран за обезбедување на сопствената иднина, твојот избор е очигледен. Тебе не ти одговараат граѓани кои активно учествуваат во процесот, тебе ти одговараат овци за стрижење. Ама и овој заговор веќе станува провиден и на тие кои го спроведуваат им се ближи крајот, посочи Босилков.

Иво Босилков / Фото: Фејсбук
Како што појаснува, никакви предвремени избори нема да го сменат тоа.
Прашан како гледа на упатството од страна на АВМУ, кое ја исклучи партијата Левица од политичкото рекламирање, Босилков одговори оти смета дека да беше Левица автентично движење за промена како што се претставува, немаше да се жалат што тие не смееле да се рекламираат, туку ќе бараа и на сите останати тоа да им биде ускратено.
-Искрено, гледам како патетика. Да беше Левица автентично движење за промена како што се претставува, немаше да се жалат што тие не смееле да се рекламираат, туку ќе бараа и на сите останати тоа да им биде ускратено. И тоа многу одамна. Тоа е вистинско израмнување на полето на натпревар и поштедување на граѓаните од пропагандни финти и манипулации со нивни пари, вели Босилков.
Како што појаснува, подемот на политичкиот маркетинг е симптом на тривијализацијата и комерцијализацијата на политиката.
-Наместо да имаме граѓански средби, маалски форуми, агитирање од врата до врата, ние доживуваме инвазија во секој аспект од животот со фејк спотови, билборди и реклами. И на третата опција што наводно ќе ги променела работите во државава преку борба со капитализмот ѝ смета што и таа не може да учествува во таа инвазија на фејкерство? На нормална политичка сцена, со политички организации кои не се целосно корумпирани од парите, директна интеракција со граѓани е единствениот начин на кој кандидатите за претставници би требало да ја шират својата порака. Ако не ти е тоа доволно, ете ти го бесплатниот простор на социјалните мрежи, додаде Босилков.
Како што напомена, Левица умешно ги искористува овие опструкции за да се претстави како жртва и да добие симпатии, ама реалноста е дека проблемот е целокупниот модел на политичко рекламирање, не спотовите на Левица.
Прашан дали ваквите практики може да влијаат на изборниот резултат, Босилков одговори дека можат, но не премногу, бидејќи реторичката виктимизација на Левица и нивното присуство на социјалните мрежи ќе компензира за тоа, а традиционалните медиуми не се веќе толку моќни како порано.
-Но ултимативната вистина која сите ја избегнуваме е дека изборниот резултат е сега веќе од второстепено значење. И тоа е нешто што иницијативи како „Од Корен“ го сфаќаат и затоа ја имаат мојата поддршка. Кој и да победи сега, криминалот, грабежот и некомпетентноста ќе продолжат. Системот е така дизајниран да го инсентивизира тоа, додаде Босилков.
Тој смета дека ние мораме да разбереме дека имаме системски проблем со парите во политиката и корупцијата која ја генерираат.
-Изборниот резултат е дефокус од овој системски проблем. Ние имаме проблем со структурата на политичкиот процес, и затоа резултатите се секогаш исти. Во науката секогаш се првин се фокусираме на методологијата, за потоа да добиеме робусни резултати. Нам како општество тоа што ни треба е ревизија на методот, на постоечкиот демократски модел. Дури тогаш ќе можеме да се надеваме на подобрување на практичната состојба, порача Босилков.
Б.Т.