ВИДЕО: 20 години од формирањето на ЕБР – „СЕКОГАШ И СЕКАДЕ!“

од Берта Китинска
744 прегледи

Пред 20 години, во 2001 година се иницираше создавањето на нова полициска единица, која ќе биде способна да извршува задачи што ќе се движат меѓу класичните воени и сложените полициски операции. Министерството за внатрешни работи, со Одлуки од Владата и од Претседателот на државата во летото истата година, по примерот на ЕУ, каде што земјите членки веќе имаа создадено „сили за брза реакција“, беше формирана Полициска единица за брзи интервенции на МВР, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

-Оперативната компонента значеше да биде подготвена за дејствување под тешки околности, да спроведе брзо распоредување во кризни подрачја и екстремно опасни средини, но и да одговори во сите ситуации кога ќе дојде до нарушување на јавниот ред и мир во поголем обем.

Во процесот на реформа на полицијата, согласно Договорот за стабилизација и асоцијација, препораките на ЕУ и на меѓународната заедница, Единицата за брзи интервенции беше трансформирана во Специјална полициска единица за брзо распоредување.

Во текот на 2003 година и во периодот потоа, оваа единица добива голема поддршка и помош од инструктори од повеќе сродни специјални единици од странство, со што е започнат процесот на „европеизација“ на Единицата, при што најголем приоритет претставува воспоставувањето на високи европски полициски стандарди во својата работа.

Единицата нуди видливи резултати, а во своите редови ќе изврши интегрирање на припадници од сите етнички заедници во државата – проект помогнат од меѓународните партнери, пред сè од ОБСЕ, за кон крајот на 2003 година да го добие името Специјална единица за брзо распоредување, првенствено наменета за извршување задачи што излегуваат од рамките на редовното полициско работење.

Од пролетта 2004 година, Полицискиот центар Ѓорче Петров, каде што во моментов се наоѓаме, станува база на оваа Единица, а една година подоцна, го добива и сегашното име „Единица за брзо распоредување“ (ЕБР).

По примерот на сродните единици во светот, сите припадници во Единицата добиваат обука до совршенство, во сложени, сурови, геопросторни и тактички услови. Изборот на припадниците се прави со примена на строги медицински, психолошки и физички критериуми. Довербата и дисциплината се одлики на тимовите кои мора да бидат подготвени да извршат задачи што бараат најголем напор.

Способна во целост да ги изврши сите сложени безбедносни задачи, посебно во делот за сузбивање на тешките облици на криминал, во спречување на нарушување на јавниот ред и мир, во борбата против тероризмот, таа изврши многу високоризични безбедносни задачи, со што нејзината улога во безбедноста на државата од ден на ден станува сè позначајна, вели Споасвски.

Денеска, 20 години подоцна, пред нас имаме високофункционална единица на која се гордееме, а која го следи примерот на европските специјални сили. Притоа, Единицата посветува внимание и на родовата еднаквост во своите редови.Тоа е ЕДИНИЦАТА ЗА БРЗО РАСПОРЕДУВАЊЕ, а нивниот слоган е – СЕКОГАШ И СЕКАДЕ!

Слични содржини