ВИДЕО: Бер Грилс му понуди чоколадо на Зеленски, обезбедувањето скокна на нозе

од Stefanija Kuzmanovska
270 прегледи

Експертот за преживување Бер Грилс (48) го снимаше новиот документарен филм „Bear Grylls Meets President Zelensky“ за „Канал 4“ во Украина, а во понеделникот зборуваше за тоа како гостин во ТВ-емисијата „Добро утро Британија“.

За време на неговата посета на Украина, познатиот британски авантурист бил сведок на пустошот предизвикан од руската инвазија и запознал луѓе чии животи засекогаш биле променети во виорот на војната.

„Целта на овој документарец е да го запознаеме вистинскиот Владимир Зеленски, да разбереме каков е тој како човек зад политичката сцена и да се обидеме да разбереме како Украина ја преживува оваа војна“, објасни Грилс, кој разговарал со украинскиот претседател за наводните руски воени злосторства, кои вклучуваат сексуално насилство и присилна депортација на деца.

Зеленски, открива тој, во разговорот му рекол дека војната го научила дека луѓето од различни земји делат исти вредности, а љубовта кон сопствените деца е само една од нив. Украинскиот претседател од почетокот на руската инвазија е одвоен од семејството, што е најтешко за неговиот деветгодишен син, кој секојдневно носи воена униформа, пренесува британски „Телеграф“.

И додека го снимаше овој документарец, Бер Грилс имаше необична анегдота со тимот за обезбедување кој го чуваше Зеленски деноноќно. За да го скрши мразот при нивната прва средба, авантуристот му понудил блок чоколадо „Кадбери“, на што обезбедувањето на украинскиот претседател веднаш скокнало на нозе.

 

„Мораа да ја одбијат мојата понуда поради страв од обид за труење или убиство. Им реков дека ги разбирам нивните грижи“, рече преживувачот, кој делел храна со други светски лидери за време на неговите авантури – еден од нив бил поранешен претседател на САД Барак Обама, со кого Бер јадеше парчиња лосос фатени во дивината на Алјаска.

Грилс го опиша Зеленски како скромен, приземен и многу фокусиран човек и ја спореди неговата посета на тајниот бункер со „искуство од филм за Џејмс Бонд“. Освен тоа, украинскиот претседател го потсетил и на Винстон Черчил.

„Зеленски го има истото чувство за судбина како и британскиот воен водач“, објасни тој.

Слични содржини