ВИДЕО: Четвртина милион домови во Киев се без струја, луѓето чекаат во редици за вода

од Берта Китинска
163 прегледи

Во Украина, по рускиот напад во понеделникот на клучната инфраструктура, прекините на електричната енергија станаа секојдневие, како и недостигот на вода.

Украинскиот генерал Валериј Залужни на Телеграм напиша дека Русија истрелала 55 ракети и десетици други проектили врз цивилни цели низ целата земја, неколку дена откако ја обвини Украина за напад со беспилотно летало во Црното Море.

Советникот на претседателот Олексеј Арестович рано наутро во вторникот го нарече ракетниот напад „еден од најголемите напади на Руската Федерација на нашата територија“. Но, тој додаде дека благодарение на подобрената воздушна одбрана, штетата не била толку критична како што можеше да биде.

Иако украинската војска објави дека многу од ракетите биле соборени, премиерот Денис Шмигал рече дека нападите предизвикале прекин на електричната енергија во стотици области низ Украина.

Неколку експлозии одекнаа низ главниот град Киев. Градоначалникот на тој град Виталиј Кличко во понеделникот изјави дека околу 40 отсто од населението останало без вода, додека околу 270.000 домови се без струја, пишува Гардијан.

На запад од Киев, новинар на АФП беше сведок на околу сто луѓе кои чекаа ред за вода со пластични шишиња и контејнери. Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба на Твитер напиша: „Наместо да се бори на бојното поле, Русија се бори против цивилите“.

Слични содржини