(ВИДЕО) Драматично расте бројот на бездомници во Америка, нивниот број се зголеми на 770 илјади

од Milan1
49 прегледи

Соединетите Американски Држави годинава бележат вртоглав раст на бројот на луѓе кои немаат покрив над главата, дури 18,1 отсто повеќе луѓе од лани сега се бездомници, соопштија властите. Драматичното зголемување е предизвикано главно од недостигот на достапни и евтини станови, високите кирии, како и од природните катастрофи и зголемувањето на бројот на мигрантите во повеќе делови од САД.

Одделот за домување и урбан развој на САД соопшти дека федералните брои спроведени на национално ниво во јануари покажале дека повеќе од 770.000 луѓе биле вброени како бездомници, што значи дека приближно секој 450-ти Американец не може да си дозволи каков било дом, пренесува „Ју-ес-еј тудеј“.

Ова зголемување доаѓа по растот од 12 проценти во 2023 година, за што Канцеларијата за домување и развој (ХУД) го обвини зголемувањето на кириите. Афроамериканците се презастапени во бездомното население, велат надлежните.

„Ниту еден Американец не треба да се соочува со бездомништво, а администрацијата на Џозеф Бајден е посветена да обезбеди секое семејство да има пристап до прифатливо, безбедно и квалитетно домување што го заслужува“, рече администраторката на ХУД, Адријана Тодман.

Семејното бездомништво, односно случаите во кои цели семејства се без покрив над глава, се зголемило повеќе од двојно во 13 градови, вклучувајќи ги Денвер, Чикаго и Њујорк. Речиси 150.000 деца ќе ја дочекаат 2025 година како бездомници, што е драстичен скок од 33 отсто во однос на минатата година.

Природните катастрофи исто така одиграа улога во зголемувањето на бројот на бездомници, особено минатогодишниот катастрофален шумски пожар во Мауи, најсмртоносниот пожар во САД во последните 100 години.

„Зголеменото бездомништво е трагична, но предвидлива, последица на недоволно инвестирање во ресурси и заштита што им помага на луѓето да најдат и одржуваат безбедни, достапни станови. Како што предупредија застапниците, истражувачите и луѓето со доживеано искуство, бројот на луѓе кои се соочуваат со бездомништво продолжува да расте бидејќи се повеќе луѓе се борат да си ги дозволат огромните трошоци за домување“, изјави Рене Вилис, новиот привремен извршен директор на Националната коалиција за домување со ниски приходи.

Слични содржини