Американскиот амбасадор Џес Бејли ја дели оценката на Европската комисија дека е преземена само делумна политичка одговорност за случајот со прислушувањето и содржината на раговорите. Оставките на Мијалков, Јанкуловска и Јанакиески беа важни, но не се доволни, вели Бејли во интервју за емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат-М, додавајќи дека токму затоа се формирани специјалното обвинителство и анкетната комисија во Собранието. Бејли апелира и до граѓаните, независно од институциите, да го преземат својот дел од одговорноста, да бидат активни и да ги пријавуваат евентуалните притисоци и злоупотреби поврзани со изборниот процес. Еве го интегралното интервју со американскиот амбасадор во Македонија.

бејли

„360 степени“: Процесот дизајниран со договорот од Пржино има за цел делумно да ги стабилизира разнишаните институции, да обезбеди независна истрага за индициите за криминал во објавените прислушувани разговори и да обезбеди услови за фер и демократски избори. Колку сето ова на што сведочите во политичкиот процес во изминатите недели и месеци Ви влева доверба дека овие работи се на пат да бидат достигнати?

Бејли: Верувам дека тие цели можат да се остварат. Како што рековте, договорот од Пржино предвидува исполнување на три суштински работи. Првата е да се врати политичкиот дијалог во институциите каде и што припаѓа, особено во парламентот. Втората е да се воспостави одговорност за нелегално прислушуваните разговори и нивната содржина. Третата е во април да се овозможи одржување кредибилни, транспарентни избори. Оттогаш се спроведуваат конкретни мерки: опозицијата се врати во парламентот, се воспостави специјалното обвинителство, се избра специјален обвинител кој почна со работа, има нови одредби во Изборниот законик кои треба да помогнат за еднакви услови за натпревар. Суштинскиот предизвик сега е да се придвижи изборниот процес, да се формира Државната изборна комисија и да се осигура дека тие мерки се спроведени и тоа мора да се направи фер и брзо.

 

„360 степени“: Кој ќе оцени и кога дали навистина има услови за фер и демократски избори? Се чини дека времето до април е прекратко, со оглед на тоа што се уште немаме оперативна нова Државна изборна комисија, проверката и прочистувањето на Избирачкиот список воопшто не се започнати, нема договор за улогата на медиумите кои се, исто така, критична точка…

 

Бејли: Мислам дека, секако, е возможно во април да има кредибилни и транспарентни избори. Но, како што рековте, времето е кусо, членовите на ДИК треба да се изберат, да почнат со работа, да се комплетира помошниот професионален персонал и многу критички да се утврдат правилата, упатствата со кои ќе се проверува избирачкиот список. Тоа треба брзо да се заврши. Ние имаме експерти, некои се веќе овде, кои можат да помогнат. Така што, мислам дека работите може да се придвижат нанапред, но тоа мора да се направи во наредните денови и недели. За прашањето за општата слика за условите за спроведување избори – тука има низа фактори, но јас би потецирал еден многу важен, а тоа е вклученоста на граѓаните, дека ќе има механизми што ќе овозможат граѓаните сами да си ја проверат регистрацијата, да пријават нерегуларности, притисоци и несоодветни постапки во врска со загарантираното право на глас. Граѓаните треба да бидат активни, треба да знаат каде да пријавуваат проблеми, делумно тоа е работа не само на ДИК, туку и на Народниот правобранител. Конечно, за медиумите би го рекол следново важно нешто. Во тек се разговори, дури и денеска додека трае ова интервју, за улогата на медиумите. Во Изборниот законик има одредби кои во периодот на избори овозможуваат поширок пристап на сите партии до медиумите, тоа е дел од Изборниот законик и е веќе завршено прашање. Во моментот се разговара за јавниот сервис за да се осигура дека е институција која на непартиски начин и служи на јавноста. Второ, во однос на владините реклами, прашање за кое има загриженост, правилата за владино рекламирање мора да бидат одредени на транспарентен и разбирлив начин и тие реклами да и служат на јавноста и да немаат партиски цели. За ова се разговара, но би додал уште нешто за медиумите. Тие имаат исклучително значајна улога во воспоставувањето услови за фер избори. Новинарите и медиумите, особено приватните, ја имаат моќта тоа веднаш да го сторат: да покажат, да бидат посветени, да манифестираат натпревар на идеи, програми и личности на избори и да им овозможат на гледачите целосен спектар на тој натпревар, да одржуваат дебати. Се надевам дека кандидатите ќе учествуваат на тие дебати зашто тоа е сосема нормална работа во една демократија. Така што, приватните медиуми ја имаат моќта тоа веднаш да го направат и мислам дека новинарите, ако се посветени, се способни и можат да им го покажат на граѓаните претстојниот натпревар на идеи.

 

„360 степени“: Дали може повторно да се падне во истата замка – легислативата да биде перфектна, но на планот на спроведувањето да не се случи ништо или сосема малка? Сме сведочеле на многу вакви ситуации во минатото.

 

Бејли: Имплементацијата секогаш е проблем и во која било демократија никогаш се нема да биде совршено. Тоа е процес, тоа е вистина во нашата земја и ќе биде вистина во вашата држава. Во спроведувањето важно е, на пример, во моментот институциите да соработуваат. Така што, не е само ДИК да работи, туку и брзо да се воспостават добри односи со МВР и другите вклучени  министерства во создавањето на Избирачкиот список. Тоа е многу важно, такво лидерство треба да дојде од раководствата на тие институции. Второ, граѓаните имаат улога во набљудувањето на институциите, невладините имаат улога во мониторирањето и тоа треба да биде поздравено и поддржано. Ние тоа ќе го направиме како и што правевме во минатото и дури ако тоа вклучува набљудување на медиумите од неофицијалните институции, но и од невладините, тоа треба да се направи. Владата на Македонија побара ОБСЕ да воспостави предвремена набљудувачка мисија и тоа ќе биде дел од процесот. Мислам дека ќе видите дека овие избори ќе бидат подетално набљудувани, не само од ОБСЕ и од други институции, туку се надевам и од самите граѓани.

 

„360 степени“: Како во овој контекст го коментирате случајот што пред неколку дена го отвори неделникот „Фокус“ за голем број фалсификувани лични карти, кои најверојатно биле користени за повеќекратно гласање на изборите?

 

Бејли: Го прочитав преводот на текстот. Тоа, разбирливо, е многу важно прашање. Ако постои таков вид фалсификување лични карти, тоа не е прашање само за изборите туку и за други мерки на безбедност. Така што, тоа е важно прашање за истрага. Разбрав дека министерот за внатрешни на вашата телевизија се обврзал дека тоа и ќе го направи и треба. Особено што се справувате со прашања за безбедноста на луѓето кои минуваат низ земјата. Важно е македонските документи за идентификација да се гледаат како сигурни и дека не е лесно да се лажираат.

„360 степени“: Вие во вашите претходни настапи инсистиравте на принципот на отчетност, политичка отчетност и одговорност, и рековте дека кога сличен случај би имало во САД, функционерите би поднеле оставки за да овозможат непречена истрага. Европската комисија во својот неодамна објавен извештај констатира дека „само ограничена политичка одговорност беше преземена со оставките на двајца министри и шефот на контраразузнавачкиот сервис“. Дали ја делите оваа оценка дека преземената политичка одговорност е само делумна?

 

Бејли: Би рекол дека тие оставки беа важни, но, секако, не беа доволни. Затоа беше формирано специјално обвинителство заради истрага на прашањето на правна одговорност кое произлегува од прислушуваните разговори. Има процес и во Собранието преку анкетната комисија за ова прашање. Тоа не е важно само за утврдување одговорност, можеби повеќе политичка, туку да се излезе и со препораки за да се превенираат вакви настани во иднина. Овие процеси се во тек, тие се многу важни, тие се дел од процесите на отчетност,  а не само остовката на една или друга личност.

„360 степени“: Што може да направи специјалното обвинителство без темелни промени во судството, кое и ЕК го оценува за селективно при делењето правда во високо-профилни политички случаи?

Бејли: Мислам дека е перфектно можно специјалниот обвинител да ја работи својата рабата, како што веќе започна, да ги разгледа случаите, да види дали има простор за предмет, да поднесе обвинение ако е потребно. Ништо од ова не зависи од никаква интервенција. Ќе видиме што ќе се случи ако ова води кон обвиненија, тоа се поединечни случаи, секој самостојно треба да се оценува и мислам дека судството може да го направи тоа. Да, има слабости наведени во извештајот на Прибе и во некои наши извештаи. Посветени сме да му помогне на судскиот систем за да може независно да работи, што попрофесионално, во тек е реформа на Законот за кривична постапка и ние го помагаме тоа. Тоа е подолгорочен процес и мислам дека е перфектно можно специјалниот обвинител да спроведе истраги и да ги изнесе своите случаи. Се разбира, не можам да кажам како ќе судат судиите, тоа не е нашата улога.

 

„360 степени“: Која е Вашата оценка – дали процесот на враќање кон нормална на севкупниот политички систем е неповратно тргнат напред, без оглед на исходот на изборите во април, или, сепак, тоа не е целосно осигуран и обезбеден процес?

 

Бејли: Нема 100-отстотна гаранција во ниту една демократија. Како што го рековте, тоа е процес. Процес на креирање доверба во институциите, на помагање одредени институции да постапуваат понезависно, на создавање повеќе системи за „проверки и контрола“. Временскиот период отсега до април ќе биде дел од процес што не почнува денес ниту завршува на 24 април. Мора да се оди напред. Се разбира, тоа е дел од процесот на оваа земја за зачленување во ЕУ. Така што, јас очекував да се оди напред и верувам дека ова е шанса, во оваа голема политичка криза која се случува уште откако сум дојден во земјава, ова е шанса да се развијат македонските институции. Знаете, ниту една демократија не ги развила своите институции во вакуум само затоа што работите биле напишани на парче хартија. Тие мора да бидат развиени, тие мора да поминат низ компромиси и, понекогаш, низ многу тешки работи. Но, на крај излегувате со посилни институции, способни да го прават тоа за што се создадени, во смисла на заштита на јавниот интерес.  Така што, го гледам ова како можност и мислам дека може да ја унапреди Македонија.

„360 степени“: Колку ЕУ и САД имаат одговорност за оваа ситуација во која денес се наоѓа земјата со оглед на тоа што состојбите не се нови, но се чини дека Брисел и Вашингтон во изминатите години сакаа повеќе да веруваат дека Груевски и неговата влада ќе го решат прашањето за името, а помалку да му забележуваат за авторитарните тенденции?

 

Бејли: Нашата политика кон Македонија уште од нејзината независност е навистина постојана. Тоа е да и помогнеме на Македонија да стане дел од евроатлантската заедница, НАТО и ЕУ, други институции, како просперитетна, мултиетничка, енергична демократија. Тоа е тоа. Мислам дека тоа е истото по што тежнеат и македонските граѓани. Немало момент кога сме рекле дека реформскиот процес треба да го направи ова или дека ова треба да има предност пред она. Ние ја разбираме тешкотијата и сме посветени на помошта за Македонија да мине низ реформскиот процес, да ги развие своите институции, што никогаш и не престанало. Исто така, сме посветени да им помогнеме на Македонија и Грција да дојдат до заемно прифатливо решение за прашањето за името. Ова не се работи на кои им било давано предност на една пред друга. Двете се важни, двете ќе ја придвижат земјата напред.

„360 степени“: Потпретседателот на САД Бајден пред неколку дена беше на регионален самит во Хравстка. Таму беше и претседателот Иванов, но факт е дека подолг период во Македонија нема дојдено висок американски претставник. Зошто?

Бејли: Знаете, САД, како што ви кажав пред малку, остануваат посветени на овој регион и на оваа земја. Мислам, како што забележавте, вчера потпретседателот Бајден зборуваше за тоа. Таа посветеност не се сменила во изминативе 25 години. Работиме напорно на овие прашања за кои имавме шанси да разговараме денес. Така што, не ги гледам посетите нужно како мерило за нашите односи ниту за нашата желба да им помогнеме на македонските граѓани и нивните претставници во остварувањето на вашите стремежи.

Слични содржини