Во среда вечерта, пред публиката во киното „Милениум“ премиерно беше проектирано најновото македонско филмско остварување „Џган“ во режија на Ведран Тозија.

„Џган“ го прикажува животот на група тинејџери, штитеници на Домот за деца без родители, илустрирајќи ја немоќта и неволонста на институциите на системот да ги заштитат овие деца од неодговорни поединци, злоставувачи, корумпирани службеници, насилници, а кои се постојана закана за нивната сигурност и живот. Немајќи никого, тие за да преживеат во суровата средина, се претвораат во деликвенти, злосторници, убијци. Одмаздата е нивниот одговор и токму таа ќе го претвори главниот лик, тивкото момче Филип, во изведба на Мартин Ѓоргоски, во страшен и немилосрден водач на бандата „домци“. 
Во главните улоги на филмот се младите Мартин Ѓоргоски и Дениз Абдула, кои иако за првпат застануваат пред камера и на кои филмски партнер им беше актерот Никола Ристановски. Во другите улоги настапија: Сара Климоска, Љупчо Тодоровски, Адем Карага, Горан Стојановски, Игор Стојчевски, Борис Дамовски, Марија Кондовска, Саша Чиникиќ, Ристо Буразденов, Мартин Живковски, Ѓорѓи Тодоровски-Трупче.
„Џган“ ќе продолжи да се прикажува низ киносалите во Македонија, а како што истакна продуцентот Антов на премиерата на филмот, се надева дека покрај македонската ќе може да го види и фестивалската публика во Карлови Вари.
