Во Вашингтон денеска се одржа церемонијата на инаугурација на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, а вниманието на јавноста го привлече присуството на тројца технолошки магнати, Илон Маск, Џеф Безос и Марк Цукерберг, кои седеа еден до друг меѓу елитните гости.
Нивното заедничко нето богатство достигнува импресивни 884,2 милијарди долари
Маск, основачот на „Tesla“, „SpaceX“ и „X“ (поранешен Twitter), е познат по своите револуционерни проекти, додека Безос и Цукерберг ги предводат светските гиганти „Amazon“ и „Meta“.
Нивното присуство на церемонијата не е само протоколарно. Безос и Цукерберг донираа по еден милион долари за организирање на инаугурацијата, додека Маск, чиј придонес се мери во милиони долари, ја поддржа кампањата на Трамп и беше назначен за шеф на тимот што треба да го намали буџетскиот дефицит на САД.
Овој момент отвора важни дискусии за улогата и влијанието на технолошките лидери врз политиката на САД, како и за идниот однос на технолошката индустрија со администрацијата на Трамп.
Интересно е тоа што првите луѓе на Мета, Икс и Амазон седнаа пред целиот кабинет на Трамп, што е јасен знак за тоа колкаво значење им се дава на лидерите на најголемите светски компании и социјални мрежи.
Меѓу гостите се и поранешниот британски премиер Борис Џонсон и аргентинскиот претседател Хавиер Миел.
View this post on Instagram