(ВИДЕО) Франција и Германија подготвени да работат на реформите во ЕУ

од Vladimir Zorba
81 прегледи

– Германската канцеларка Ангела Меркел и новиот француски претседател Емануел Макрон порачаа денеска во Берлин дека се подготвени за измени на договорот за Европската унија, потенцирајќи дека двете земји блиску ќе соработуваат.

Меркел повика на „нова динамика“ во германско-француските односи, истакнувајќи дека интересите на двете земји се тесно поврзани, додека Макрон, кој престојува во Берлин само еден ден по својата инаугурација, повика на „историско“ реформирање на Унијата.

На прес-конференцијата по средбата со Меркел, Макрон рече дека посакува „помалку бирократска, а позаштитничка Европа“.


Тој наведе дека планира во следните неколку месеци да спроведе реформи и оти измената на договорот за ЕУ веќе нема да биде „табу тема“ за Франција.

Воедно изрази надеж дека со Германија, во следните недели, ќе успее да воспостави план за реформирање на еврозоната, нагласувајќи дека мораат да работат на „длабоки реформи кои се потребни и за кои е нужна заедничка работа“. Макрон потенцираше дека реформската агенда ќе ја спроведува дома, „не затоа што Европа тоа го бара, тука затоа што на Франција и е потребно“.

Меркел истакна дека Германија, во принцип, е подготвена да разговара за измени на ЕУ, доколку тоа е потребно.

– Би била подготвена да преземам таков чекор, но прво мораме да утврдиме што сакаме да реформираме…Од германска гледна точка, можно е да се измени договорот за ЕУ, истакна германската канцеларка.