Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, вчера реагираше на социјалните мрежи поради инцидентот со камион на Јавното претпријатие Комунална хигиена-Скопје, кој според него, го уништил украсувањето на празничната атмосфера во населбата Капиштец. Според Герасимовски, камионот на јавното претпријатие поминал низ Центар и ги искинал поставените светилки, нарушувајќи ја празничната атмосфера.
„Град Скопје не само што ги остави скопјани без празнично украсен град за Нова Година, туку сега и го уништува тоа што општината го украси! Камионот на ЈП Комунална Хигиена, под ингеренции на Градот, помина низ Центар, ги искина сијаличките и продолжи како ништо да не се случило. Ова ли е одговорно однесување кон празничната атмосфера?“, напиша Герасимовски.
Во одговор на овие обвинувања, Јавното претпријатие Комунална Хигиена-Скопје ги демантираше тврдењата на Герасимовски. Тие истакнаа дека камионот задолжен за собирање на отпад во општината Центар не искинал никакви светилки на сообраќајницата, бидејќи тие се поставени под законски утврдениот минимум од 4,7 метри височина. „Градоначалникот треба да знае дека истото комунално возило собира отпад веќе 10 години на истата траса без никакви проблеми, што покажува дека каблите на општината Центар не се монтирани на соодветна височина,“ изјавија од ЈП Комунална Хигиена-Скопје.
Тие додаваат дека вината за уништените светилки треба да се бара кај фирмата која од општината зема илјадници евра за поставување на неквалитетни кабли кои создаваат безбедносни ризици. Од „Комунална Хигиена-Скопје“ истакнаа дека тие не се одговорни за инцидентот, бидејќи нивното возило е соодветно прилагодено и безбедно за работа во зоните каде што собира отпад.