Синоќа се одиграа првите осум натпревари од групната фаза на Лигата на Шампионите. Непријатен впечаток направија некои судиски грешки кои паднаа в очи. Реал (Мадрид) го урна со 4: 0 Шахтјор (Донецк), но средбата беше одбележана со скандалозен пенал, кој Кристијано Роналдо го реализира за 2: 0 во 55-тата минута. Карим Бензема центрираше лево во шеснаесетникот на гостите, а Португалецот шутна и топката се одби грбот на мајсторот Дарио Срна, што јасно се виде и од телевизиските повторувања. Хрватскиот судија Иван Бебек сепак одлучи да покаже на белата точка, откако асистент му сигнализр.
Подоцна за “белите” беше даден и втор 11-метарски пенал за игра со рака на Азеведо, а незадоволството на Украинците е дека фудбалерот погодил од многу блиска далечина. Роналдо го постигна и овој пенал и веќе е рекордер. Тој е најефикасниот при пеналите во Лигата на Шампионите со 11 погодоци. 10 имаат Руд ван Нистелрој и Луис Фиго.
Скандалозна ситуација имаше и во интригантната средба Манчестер Сити – Јувентус, освоена од “Старата дама” со 2: 1 по пресврт. “Граѓаните” поведоа со автогол на Џорџо Киелини во 57-тата минута. Против италијанскиот репрезентативец сепак беше извршено прекршување од Венсан Компани, кој се качи на грбот на дефанзивецот, но судијата Дамир Скомина ги затвори очите.
Чудна ситуација имаше и во Ајндховен, каде ПСВ сврте Манчестер Јунајтед – 2: 1. На натпреварот од групата “B” имаше тежок инцидент – ногата на Лук Шо беше скршена по акутен влез на Ектор Морено. Судијата Никола Рицоли не само што не покажа картон на фудбалерот на ПСВ дури и не забележа фаул.