(ВИДЕО) Изборна КАМПАЊА 2016: Што порачаа лидерите ?

од desk3
80 прегледи

zaev-od-berovo

Лидерот на СДСМ и предводник на Коалицијата за живот во Македонија, Зоран Заев, вчера на митингот во Берово рече дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски ќе го врати украденото и дека ќе има конфискација на имотот.

– Груевски во последните три-четири години потроши 1 милијарда евра на споменици, на музеи, на жални врби и на што ли уште не. И јас ќе потрошам 1 милијарда евра – но за отварање на нови работни места, најмногу за младите, оти тие се нашата иднина. Ќе им помогнеме на државните фирми со директни пари. Ред е и Никола Груевски и неговата фамилија да вратат се што зеле. Ќе има конфискација, добро знае Груевски, ќе има. Се што украде, се има да врати – рече Заев.

https://youtu.be/YsP8l3m8uiY

 

За десет дена имаме заедничка шанса со гласот за животот да се избориме за живот во Македонија. Наместо да бараме живот во странство, ќе имаме добар живот тука во Македонија, рече Љупчо Николовски носител на пратеничката листа во третата изборна единица.

Претходно пред граѓаните собрани на митингот во Пехчево, Заев се обврза дека ќе ја врати среќата и животот во Македонија а на пензионерите им порача дека младите ќе се вработат и нема да им ја трошат пензијата.

grujo

Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ вчера во Кочани одржа митинг на кој лидерот на партијата Никола Груевски истакна дека на изборите за девет дена претстои голема референдумска победа, победа за иднината на Македонија и за нејзиниот народ.

– Пред граѓаните се наоѓаат две опции – едната е на ВМРО која гради, носи ново, се грижи за сопствениот народ, опција која држи до ветеното и дадениот збор, со реална програма. Другата опција е СДСМ, партија која прави хаос во државата, деструкција за да дојде на лесен начин до власт. Затоа народот носи одлука кој ќе биде на власт во Македонија и кој ќе биде премиер, истакна Груевски.

На политичкиот опонент Зоран Заев му порача дека победата е нивна и дека разликата нема да биде мала. Нагласи дека без 63 пратеници нема да заврши политичката криза во Македонија и рече дека СДСМ цела година манипулирал со фантомските гласови во избирачкиот сипсок.

– Нивниот број од месец во месец беше различен, за ДИК да објави дека Избирачкиот список е зголемен со 5000 гласачи. СДСМ за цело време го лажеше својот народ. Народот ќе даде целосна и голема поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата „За подобра Македонија“, со што СДСМ ќе доживее дебакл, истакна Груевски, додавајќи дека со добивањето 63 пратеници, Заев ќе си замине од политичката сцена и, како што рече, ќе ја добие казната што ја заслужува.

На митингот во Кочани лидерот на ВМРО-ДПМНЕ зборуваше за постигнатите резултати во повеќе области кои им донеле бенефит на македонските граѓани, осврнувајки се посебно на земјоделците, на субвенциите и поволностите за набавка на механизација, на странските инвестиции и новите вработувања, инвестирањето во здравството, образованието, културата, спортот.

Пред кочанчани Груевски ја изложи и програмата на партијата за наредните четири години, во која за овој дел од источна Македонија ги најави изградбата на експресниот пат од Штип до Кочани, кој ќе започне на почетокот на наредната година, патниот правец од Кочани преку Македонска Каменица до Делчево, како и рехабилитација на регионални и локални патни правци.

filename_0-image-0-02-05-9dfe41b950dd350bbce6770afe50cd63ed6783370f292b-filename_1-dfd1e0115fcac1f7b0-v

На вчерашната прес конференција, Павле Трајанов, носител на кандидатската листа за пратеници од првата изборна единица, од Водно, најави дека ќе бара одговорност  на поранешниот премиер Никола Груевски, кој од лукративни мотиви дал налог да се гради Сончев Град на Водно, со што е направена деградација на Водно, уништен е шумски фонд и се случуваат огромни разорувања и ерозија каде што поминува патот, при што потпорните ѕидови попуштиле и   е направена огромна штета.
Ова е класичен пример на самоволие, ароганција и алчност.
Да се потрошат десетици милиони евра за да оствари профит странска компанија и притоа да се уништат “Белите дробови” на Скопје е злосторство спрема сопствениот народ.
За оваа коруптивна и анти граѓанска зделка мора и ќе има одговорност, изјави Павле Трајанов.
Идејата за пошумување (Ден на дрвото) беше прифатена од граѓаните, но власта ја узурпира, исполитизира и климинизира. Многу пари се потрошени, украдени, но зеленило нема.
Коалицијата за Промени и Правда има програма, со која се предвидува гасификација на Македонија, како битен предуслов за заштита на шумите и намали загадувањето.
Павле Трајанов од Плоштадот Македонија нагласи дека од лице место на најконтроверзниот и криминален проект Скопје, објавувам дека целосно ќе го имплементираме проектот ДЕКРИ со кој ќе обезбедиме систем за над шест милијарди евра, украдени од функционери, да бидат вратени на граѓаните. Тие милијарди низ судска постапка ќе бидат конфискувани и вратени директно на граѓаните. Не во  Буџетот на државата, туку по 3.000 евра на секој граѓанин.
Весна Стоименовска, носител на третата изборна единица зборуваше за економската програма при што нагласи дека ќе обезбедиме 2% од Буџетот за проекти за вработување на младите .
Предвидуваме отворање на над 30.000 мали фирми во кои ќе се вработат од 3 до 5 млади и стручни кадри или над 100.000 нови работни места.
Павле Трајанов ги повика граѓаните да гласаат за Коалицијата за Промени и Правда, која ќе обезбеди стабилност, владеење на правото и економски развој.
Граѓаните се сигурни и знаат дека режимот ќе падне.

Коалицијата „ВМРО – за Македонија“ вчера имаше средба со жителите на Струга, каде ја промовираше предизборната платформа и отвори изборен штаб.

Лидерот на ВМРО – Народна, Љубчо Георгиевски пред стружани ја промовираше идејата за секое село да биде општина, систем, кој според него, постои во секоја земја на Европската унија. Со тоа смета дека ќе се решат сите мултиетнички разлики, ќе се намали иселувањето и ќе донесе економски просперитет за граѓаните.

–  Вевчани е единствен пример село – општина и тоа им даде многу предности и можности за да преживеат како село. Зошто тоа да не се случува и во другите населени места. Во Струшко имаме села со пет па и 10.000 жители, големи населени места, а немаат ниту обична жиро сметка да може да управуваат со својата економија. Тоа се места каде има огромни фирми кои наместо да ги плаќаат даноците во сопственото село независно дали е тоа Лабуништа, Октиси, Радожда… тие ги плаќаат парите на друго место, а за возврат не добиваат ништо, рече Георгиевски.

Повикувајќи ги стружани да гласаат за коалицијата „ВМРО – за Македонија“ чиј носител на листата во 5. Изборна единица е Љубе Бошковски, рече дека очекува нивната коалиција тука да биде најголемо изненадување.

– Овие се прошетки без големи митинзи, но ова што го гледаме на секој чекор во Струга е доказ дека ВМРО се враќа дома, вмровците се враќаат во матичната партија, вмровците веруваат во нашиот и единствен лидер на ВМРО, Љубчо Георгиевски и мислам дека победата е на прагот, изјави носителот на листата Љубе Бошковски.

Коалицијата „ВМРО – за Македонија попладнево средби со граѓани ќе има и во Охрид, Ресен и Битола.

menduh-tachi-1

Лидерот на Демократската партија на Албанците (ДПА) Мендух Тачи, кој е и носител на листата за пратеници во Шестата изборна единица, вчера на митингот во Тетово им се заблагодари на тетовци затоа што, како што рече, секогаш кога на ДПА и било најтешко, во Тетово добивале најголема поддршка и Тетово ја одржува во живот ДПА.

На собирот во гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ Тачи се осврна на нивното залагање во оваа кампања за еден заменик премиер Албанец со право на вето односно да мора да има и негов потпис за да помине важна одлука на Владата, особено од сферата на меѓуетничките, политички и економски односи.

– Овој принцип ќе функционира исто како што сега мора да ги има двата потписа – и од заменик министерот и дополнителниот заменик министер. Доколку ја освоиме власта, на овој начин нема да може да се усвои буџетот без да има правична распределба, но и рамноправна распределба на пензиите, социјалната помош, кредитите и стипендиите, рече Тачи.

Тој го критикуваше нивниот опонент – Демократската унија за интеграција за која рече дека  за време на својот мандат не презела и не завршила ниеден проект за Тетово каде живеат Албанци и каде,  како што рече, се уште се соочуваме со недостаток на вода за пиење, загаден воздух, без канализација, без средени улици.

– Токму улогата на вистински заменик премиер Албанец ќе овозможи Тетово да стане модерен град со користење на средства од државниот буџет. Со победата на ДПА на изборите ќе се врати гордоста кај сите Албанци, а за да стигнеме до тоа нам ни е потребен гласот на народот.  Гласот што нема да биде за ДПА, туку за некоја од помалите партии на Албанците, директно ќе оди за Груевски и Заев, изјави Тачи.

На собирот на ДПА во Тетово зборуваа и партискиот потпретседател Бардиљ Даути и кандидатката за пратеничка и претседателка на Форумот на жени на ДПА, Мерале Ферати. Во рамките на предзиборните активности,  ДПА вечерва организираше собир и во тетовски Порој.