Пратениците во Анкетната комисија како да се при крај со нервите и веќе се служат со навреди и лични забелешки, а комуницираат на висок тон. Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Владанка Авировиќ, денеска се најде навредена откако претседателот на Комисијата, Петре Шилегов, и се развика затоа што му упадна во збор. Авировиќ бараше процедурално, а Шилегов и рече дека не може да го прекинува додека тој зборува и ја затвори седницата.

Anketna-komisija-prislusuvanje

По ова пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ реагираше на, како што рече, недоличното однесување на Шилегов.

-Свесни сме за нервозата на Шилегов како член на друга партија, поради последните анкети, но да се упатуваат вакви квалифивкации од типот какво детство имал некој е надвор од пристојно однесување. Ова денес беше кулминација. Оставаме на Шилегов да процени дали ќе се извини. Ние сме згрозени од однесувањето на претседателот на Комисијата – изјави Антонио Милошоски.

Јавноста е сведок дека изминатите седници Шилегов континуирано добива дофрлувања од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ додека се микрофоните исклучени. Токму Авировиќ во неколку наврати го нарече Шилегов неписмен, а неретко му дофрлуваше да заќути. На прашањето до Милошоски зошто претходно не реагираа на навредите кои неговите сопартијци му ги дофрлуваа на Шилегов, тој рече дека тие се тука да реагираат секој пат кога претседателот го крши Деловникот.

Шилегов од своја страна рече дека нема намера да и се извинува на Авировиќ. Револтиран, тој не сакаше да и го спомне името.

-Немам намера на било кого од нив за било што да им се извинувам. Пратеничката Авировиќ се покажа дека е задолжена за реметење на работата на Комисијата, новинарите се сведоци за тоа. Често упатува квалификации недолични за јавноста. Госпоѓата денеска заслужи да добие коментар. Не ми паѓа на памет да се извинувам на таков лик – изјави тој.

 

 

 

 

Слични содржини