ВИДЕО кое брзо стана вирално на мрежите: Путин му заврте грб на Шојгу

од Stefanija Kuzmanovska
521 прегледи

Видео од рускиот претседател Владимир Путин како му врти грб на рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу брзо стана вирално на социјалните мрежи и повторно ги поттикна шпекулациите за заладени односи во рускиот врв.

Во понеделникот Путин и Шојгу ја посетија московската болница Вишневски за да им доделат медали на војниците кои беа ранети во војната против Украина. Судејќи по однесувањето на Путин, се чини дека и тој е разочаран од настапот на руската армија во Украина и оставил впечаток дека повеќе не чувствува голема наклонетост кон министерот Шојгу.

Додека Шојгу се позиционираше на едната страна од ранетите војници, Путин му сврте грб на својот министер. Шојгу во еден момент тргнал кон Путин да му каже нешто, но рускиот лидер го игнорирал и останал да стои со свртен грб.

„Не треба да сте експерт за говор на телото за да разберете што мисли Путин за неговиот министер за одбрана Сергеј Шојгу во моментов“, напиша на Твитер аналитичарот за надворешна политика во Киев, Џими Раштон, покрај видеото кое е веќе прегледано повеќе од половина милион пати.

Инаку, за време на инвазијата неколку пати беше спомнато дека односите во рускиот државен врв се нарушени и дека Шојгу повеќе не ја ужива довербата како порано кај рускиот лидер. Дури и Институтот за проучување на војната (ISW) постојано пишуваше дека Путин би можел да го искористи својот министер како „жртвено јагне“, односно да го прикаже како виновен за неуспесите на Русија во Украина.

Кога Путин стана претседател во 2000 година, Шојгу беше еден од ретките луѓе во неговиот близок круг кој не потекнува од родниот град на претседателот, Санкт Петербург, ниту служел во руските безбедносни служби, пишува Newsweek.

Шојгу е роден во мал град во близина на монголската граница. Неговата мајка била Украинка, а татко му Туван, односно припадник на етничка група во Сибир. Истакната фигура во руската политика по распадот на СССР, Шојгу стана министер за вонредна состојба во 1990-тите, функција што ја имаше до 2012 година. Потоа беше назначен за министер за одбрана, иако и покрај многуте медали, немаше воено искуство.

Слични содржини