(Видео) Котеска: Иднината на спомениците од „Скопје 2014“ е во Мементо парк

од Vladimir Zorba
82 прегледи

Проектот „Скопје 2014“ е хулиганство, а не гаѓањето со боја. Мислам дека иднината на тие споменици и онака ќе биде во некој Мементо парк надвор од Скопје, каде што ќе одиме се прошетаме за да го видиме ова 10-годишно лудило овековечено во тие споменици, вели професорката Јасна Котеска во неделното интервју на Радио Слободна Европа.jasna

Таа вели дека тешко е да се предвиди дали македонските политичари имаат капацитет да влијаат за позитивен епилог или разрешницата кога земјава е на работ на голема криза, но ќе мора да го најдат во секој случај. Според неа, меѓународниот фактор очигледно ќе има улога, но, вели Котеска, суштинскиот капацитет, за среќа, го понесоа македонските граѓани, кои протестираат секој ден од чест часот.

– Сведоци сме дека тие протести траат секој ден веќе три недели во континуитет, се шират, веќе се низ 12 града во земјата и тие покажуваат, граѓаните, ние покажуваме дека имаме капацитет за демократска, европска Македонија, а на политичарите останува да се види колку ќе имаат капацитет, а притоа под политичари со капацитет не го подразбирам Никола Груевски којшто сметам дека целосно е надвор од реалноста, има изгубено секаков компас и тој не верувам дека ќе има каков било капацитет да преговара. Мислам дека странците дури и не преговараат во суштинска смисла со него, мислам дека го држат на кратко јаже, евентуално да не ја експлодира ситуацијата во некаква безбедносна смисла, а од друга страна да има привид дека контролира некаква ситуација, меѓутоа искрено се сомневам дека кој било преговара со него во сериозна смисла – вели професорката.

На прашањето, дали тоа што „Шарената“ револуција обои дел од институциите е израз на револт кој не може да се контролира, а од друга страна, се одржуваат контрапротести со музика, како да се сака да се затскрие незадоволството, таа Котеска вели:

– Прво, спомениците и спомен обележјата се дивоградби во град Скопје. Вториот елемент е дека „Скопје 2014“ е пералница на пари. Знаеме дека во проектот не учествуваат македонските уметници така како што сака да ги претстави владата. Учествуваат тројца главни автори и пет изведувачи, без портфолија, без искуство во работа со неокласицистички или не знам какви објекти и трето, да направам една паралела, „Скопје 2014“ и она што се случува со „Шарената револуциај“ е како некој крадец да ви влезе дома, да ви украде 1.000 евра колку што имате заштедено, да потроши 30 евра расфрлајќи пластични предмети врз дотогашниот мебел, колку и да бил тој скромен, а другите да ги однесе на Кајманските острови. И вие со месеци живеете меѓу таа пластика, гипс и стиропор и одеднаш прснете со дезодоранс врз некој од нив и вашите соседи се бунтуваат дека тоа е акт на хулиганство, кога вие сте во една симболичка и фактичка смисла ограбен, нападнат и предмет на хулиганство од друг човек.

Котеска потсетува дека сите комунистички и воопшто тоталитарни режими започнаа така што инсталираа споменици, а тие први настрадуваа со обезглавување на спомениците на Ленин, на Сталин, нивно закопување, горење во некои случаи.

– Истото се случува сега со спомениците од „Скопје 2014“, со тоа што го гледате народот во побенигна ситуација. Тие дури не го ни загрозуваат ова монументално здание што се обиде Груевски да го инсталира, тие само симболично покажуваат дека не им се допаѓа. Мислам дека иднината на тие споменици и онака ќе биде во некој Мементо парк надвор од градот Скопје, каде што ќе одиме да купиме влезница и ќе се прошетаме низ тие споменици да го видиме ова десетгодишно лудило овековечено во тие споменици – вели Котеска во интервју за РСЕ.

 Видео на  Радио Слободна Европа.

Слични содржини