(ВИДЕО) Мигрантите скандираат „Мацедониа, Мацедониа“ од грчката страна на границата

од desk3
81 прегледи

Во видеосторијата на американската телевизиска мрежа „Си-Ен-Ен“ од грчката страна на границата, јасно можат да се чујат скандирањата „Мацедониа, Мацедониа“ на мигрантите додека чекаат на бензинската пумпа во близината на преминот Богородица, односно Идомени.

12695933_1226597974036369_51809999_n

На подолгиот видеозапис се гледаат огромен број автобуси паркирани додека се чека на регистрација на мигрантите и на потпишување на изјавите дека крајната дестинација им е некоја од земјите во ЕУ – главно Германија.

Прилогот на репортерката Арва Дејмон оди на „Си-Ен-Ен“ на секој саат, а мал видеоизвадок од нејзината сторија е објавен на „Твитер“.

Како што јави дописничката на „Мета“, илјадници бегалци чекаат од грчката страна на Богородица, а во земјата продолжува да се зголемува паниката дека државата ќе остане заглавена со илјадници мигранти.

Граничниот премин кај Идомени е преполнет со бегалци од грчка страна. Во бегалскиот камп на Идомени шанса да заминат за ЕУ чекаат 700 бегалци. Бројката е драстично поголема на само неколку километри подалеку, кај бензинската пумпа кај Поликастро. Таму во моментов има околу 4.000 лица кои чекаат да видат дали ќе бидат пропуштени во Македонија.

„Постои опасност ние да останеме заглавени, а вистинската европска граница да стане БЈРМ“, рече поранешниот шеф на грчката дипломатија и екслидер на ПАСОК, Евангелос Венизелос, во интервју за телевизијата „Скај“.

Во анализа на весникот „Катимерини“, пак, се забележува дека бегалската криза и проблемите на Грција полека, индиректно работат во корист на Македонија.