Најмалку пет лица се повредени во напад со нож во близина на централниот плоштад Дам во Амстердам, соопшти полицијата. Нападот се случил нешто пред 15:30 часот локално време.
Според првичните информации, осомничениот за нападот е уапсен, но се уште не е познат мотивот за нападот.
„Во моментов немаме информации за причината или мотивот на инцидентот со прободување. Ова е предмет на нашата истрага“, соопшти полицијата во Амстердам, која ги повика граѓаните кои имаат снимки од инцидентот да им ги испратат.
Локалните медиуми јавуваат дека полицијата ја опколила областа на “Sint Nicolaasstraat# и самиот плоштад Дам. На снимките објавени на социјалните мрежи се гледа како хеликоптер слетува на плоштадот, додека повредените се транспортираат во болница.
Весникот „Телеграф“ наведува дека најмалку четиринаесет полициски возила и еден полицаец на мотор пристигнале на местото за 15 минути.
Хеликоптерот на брзата помош кој веднаш по инцидентот слетал на плоштадот и поради кој полицијата привремено го опколи поголемиот дел од плоштадот, полетал околу 16 часот и 30 минути.
Присутен на плоштадот Дам изјавил дека наеднаш се слушнал крик, по што следела паника, но нему и на другите минувачи не им било јасно што се случува.
Вработената во продавницата изјавила и дека одеднаш слушнала многу викање и врескање и дека луѓето почнале да трчаат во правец на инцидентот.
Градоначалничката на Амстердам, Фемке Халсема, главниот обвинител Рене де Беукелаер и началникот на полицијата Питер Хола се состанаа на консултации по нападот.
Плоштадот Дам е едно од најпосетуваните места во главниот град на Холандија, лоциран во историскиот центар на Амстердам и опкружен со знаменитости како што е Кралската палата.