Поранешните агенти Горан Грујевски и Никола Бошкоски треба да бидат екстрадирани во Македонија, соопшти судот во Солун. Во судницата која беше затворена за медиумите, преведувач на македонски јазик им ја прочитал одлуката која беше донесена уште пред две недели, пренесува ТВ24.

Разочарани од она што го слушнаа, бегалците од правдата во придружба на нивните адвокати веднаш заминаа во друга судница и ставија потпис на жалбите до повисокиот суд. Во одлуката немаше датум за екстрадиција, бидејќи нема веднаш да стапи во сила, ќе се чека одлучувањето на повисоките инстанци.
Адвокатскиот тим на агентите Горан Грујевски и Никола Бошкоски е подготвен да ги искористи сите правни механизми за да ја спречи екстрадицијата во Македонија. Тие уште на денешното рочиште заедно со жалбите до повискиот суд поднесоа и докази напишани на 17.000 страници.
На илјадниците страници меѓу предложените докази имало списи од истрагите кои СЈО ги води против нив, доказни материјали, но и вештачења кои сами ги нарачале за опремата за прислушување во МВР.
Обидувајќи се да го избегнат враќањето во Македонија поради страв за нивната безбедност, нова битка со грчката правда ќе водат на 11- ти наредната недела, за кога е закажано рочиште кога на кое ќе се одлучува дали јужниот сосед ќе им го одобри бараниот политички азил.
„Политичкиот азил се одлучува во управна постапка којашто има четири инстанци, прв степен, па второстепена одлука на управниот орган, односно надлежно за тоа е Министерството за внатрешни работи овдека во Грција, а потоа има уште две судски инстанци, не можам да кажам колку време ќе биде потребно за тоа“, вели адвокатот Петар Василев.
Одлучувањето може да трае со месеци, но и години, велат грчките адвокати.
„Се надевам дека сите инстанци заедно со Европскиот суд ќе ги уважат нашите аргументи, но можам да ве уверам дека, бидејќи Грција е членка на конвенцијата на Европскиот суд за човекови права и мораме да ги почитуваме одлуките, се додека барањето за азил трае, долга е процедурата и нема да бидат екстрадирани. Имаме политички азил кој е во тек, тоа е долга процедура. На пример за Турците кои направија пуч против Ердоган, оваа процедура трае две години“, вели адвокатот Костадинос Хаѕијоану.
Додека судот одлучува, Грујевски и Бошкоски се враќаат во затвор близу Солун каде издржуваат екстрадиционен притвор речиси три месеци. Неразделните колеги од УБК, беа неразделни и во бегството, а и при транспортот од судот до полициското комбе каде беа пренесени заедно со еден пар лисици на рацете.
Кога го напуштаа судот во Солун Никола Бошкоски со капа се обиде да го сокрие идентитетот од нашиот објектив. Во меѓувреме, Кривичниот суд во Скопје на 17 овој месец со нов судечки совет ќе го стартува процесот во кој се обвинети, за најголемат афера со масовното прислушување во Македонија, а дури на 17 -ти мај во Грција ќе им се суди затоа што беа фатени во обидот да ја напуштат Грција со лажни бугарски пасоши.
За Телевизија 24 од Солун Христина Беловска.