ВИДЕО од инцидентот на Кардиохирургија: Турканица меѓу докторите Јовев и Шокаровски

од Nikola Popovski
570 прегледи

До редакцијата на „Локално“ стигнаа две снимки од инцидентот на Клиниката за кардиохирургија, кој на 18 септември се случил меѓу докторите Сашко Јовев и Марјан Шокаровски. Според она што може да се види, има расправија меѓу медицинските лица, по што доаѓа и до турканица. Сето тоа се случува во присуство на други вработени во Клиниката.

„Не е точно дека јас сум нападнал некого. Практично, јас пријавив вербален напад и само буткање во кое имам повреда на окото од лупите на колегата, изјави тогаш поранешниот директор на Клиниката за кардиохирургија, Јовев.

Претходно Министерството за внатрешни работи (МВР) информира дека актуелниот директор на Клиниката, Шокаровски, бил физички нападнат од вработен во установата со иницијали С. Ј., кој, пак, самиот го пријавил нападот в полиција.

Од Министерството за здравство во врска со инцидентот информираа дека со настанот е запознаен и ресорниот министер Фатмир Меџити, кој побарал совесно и професионално однесување од здравствените работници и нивна посветеност на пациентите.

Јавното обвинителство се уште нема пријава против Јовев.

Д-р Јовев го водеше тимот кој ја направи првата трансплантација на срце во земјава. Тој беше и директор на Клиниката за кардиохирургија до јуни годинава, кога беше разрешен од функцијата од страна на министерот за здравство. При разрешувањето Јовев изјави дека во нашава земја само успехот не се простува и го поврза со партиски побуди на министерот. Образложението на Меџити, пак, беше дека „политика апсолутно не стои зад смената на Јовев“ и истакна дека секаде каде што ќе има злоупотреби со него како министер, ќе има и санкционирање.

Слични содржини