Со паролите „Али предавник“, „Демократија“, „Смрт за фашизмот“, „Долу ДУИ со Груевски“, „Правда“ неколку илјади граѓани од албанска етичка припадност го започнаа протестот „Ден Д – правда, демократија, достоинство“ во паркот во Чаир.
Опозицискиот совет на Албанците, го организираше протестот заради поголеми права, почит и достоинство на албанското население како и за запирање на политички монтираните случаи.
„Правда“ и „Смрт за фашизмот“ се извикува на протестот на Опозицискиот совет на Албанците pic.twitter.com/ICzg2g6pfK
— META.mk (@meta_agency) May 9, 2016
Демонстрантите дадоа поддршка на Специјалното јавно обвинителство, но и на меѓународната заедница за нивните напори за излез од политичката криза.
Од паркот во Чаир демонстрантите преку Бит Пазар се упатија кон Владата.
Таму говор држеше претседателот на Беса, Биљал Касани кој рече дека насобраните граѓани денеска бараат достоинство, демократија и правда.
-Поддршка даваме на Специјалното јавно обвинителство со Фатиме Фетаи. Порачуваме случаите „Диво Насеље“, „Монструм“ и „Сопот“ да ги преземе ова обвинителство. Наместо на овој ден кога треба да го славиме денот на Европа, ние сме тука собрани за неправдите што ги прави овој режим, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Ние сме тука за случајот „Диво Насеље“ и бараме да се расветли кој стои позади тој монтиран случај. Избори во ова време не може да има зошто нема услови. Во оваа држава кога претседателот помилува криминалци, поранешниот шеф а УБК е шеф на државата, а поранешниот премиер е диктатор нема што да чекаме освен да го кренеме нашиот глас за неправдите што им се случуваат на Албанците – вели Касани.
Пред владата говори држеа и аналитичарот Ким Мехмети и претседателот на невладината организација „Центар за слобода“ Орхан Муртезани.




