Мислам дека ќе се обидат, убеден сум дека ќе се обидат, да ги судрат луѓето меѓупартиски. ВМРО контра СДСМ. Власт, односно партии од власт, контра партиите од опозицијата и практично да произведат најдлабок досега судир внатре во самото македонско ткиво, внатре во рамките на македонскиот народ-изјави на трибина во Струмица Стево Пендаровски, претседателски кандидат на опозицијата на последните избори.
Тој говореше на трибината „Осми март крик за слобода и демократија“, која во рамките на проектот „Вистината за Македонија“ синоќа ја организираше Форумот на жени на ОО СДСМ Струмица.
На трибината учествуваа и Рената Дескоска, Елеонора Петрова и Катерина Цаневска.
– Моја проценка е, без да ширам паника и да плашам кого било е, дека едно од возможните сценарија на власта, не на опозицијата, но на власта, на овие неколкумина што се во врвот на власта, ќе биде да го судрат народот. Се ќе направат, дури и по цена да ја запалат државата, само да останат во фотелјите. Што може да направат? Не мислам дека се веројатни меѓуетнички судири, иако имаат и таков историјат, и такви работи имаат правено. Не мислам дека ќе ги судрат луѓето на религиска основа, иако и тоа го имаат правено одвреме-навреме во оваа наша земја. Мислам дека ќе се обидат, убеден сум дека ќе се обидат, како едно од тие сценарија, да ги судрат луѓето меѓупартиски. ВМРО контра СДСМ. Власт, партии од власт, контра партиите од опозицијата и практично да произведат најдлабок досега судир внатре во самото македонско ткиво, внатре во рамките на македонскиот народ. И не треба да се убедуваме дека тоа нема да им го дозволиме, по ниедна цена .
– Сакам јасно и гласно да кажам, тоа го кажав во неколку интервјуа таму каде што можеме да направиме интервјуа, во тие преостанати острови на слободата, дека опозицијата, не сонува, а не да планира какви било насилства, затоа што никој разумен во оваа земја не сака да дојде на власт со насилство или со крв, не дај боже. Единствени кои тоа можат да го прават се тие во власта. Ова е многу важен момент да го знаете, затоа што нашите медиуми не го пренесуваат доволно .
Од нашите контакти со луѓето од меѓународната заедница, колку и да изгледа дека тие зборуваат во ракавици, или со некој дипломатски жаргон. Да немате никаква дилема, дека сите, повторувам сите, клучни политички чинители во меѓународната заедница, во овој момент ја поддржуваат опозицијата. Тоа го прават не затоа што не сакаат, нема емоции таму. Тоа го прават зашто нашите аргументи се исправни, затоа што она што го зборуваме допира и до нив.И затоа што тие многу добро знаат што значи да прислушкуваш повеќе од 20.000 луѓе во својата држава. Тие многу добро знаат што е да прислушкуваш се живо и диво што мрда во оваа земја – не црква, не академија, не новинари, не бизнисмени, не политичари, не опозиција. Сопствената фамилија ја прислушкувале. И нема дилеми дека нашите аргументи се појаки и дека нивните аргументи, поточно нивната пропаганда, веќе никој не ја слуша освен овие пет-шест, 10, 20 луѓе,, кои се платени медиумски мегафони, кои мораат да го прават тоа затоа што знаат дека со заминувањето на оваа власт во историјата и тие заминуваат во историјата – рече Пендаровски.
