На социјалната мрежа „Х“, украински воен блогер, кој редовно објавува информации за воените операции во неговата земја, сподели видео во кое покажува како еден од хеликоптерите Ми-24 од руско производство, донирани од Македонија на Украина, изведува напад врз руски цели во Доњецк.
„Поранешен северномакедонски хеликоптер Ми-24 и украински транспортен хеликоптер Ми-8 со наведувани проектили напаѓаат руски цели во регионот на Доњецк“, се вели во објавата.
❗️Former 🇲🇰North Macedonian Mi-24 attack helicopter and 🇺🇦Ukrainian Mi-8 attack-transport helicopter strike 🇷🇺Russian targets with unguided missiles in Donetsk region pic.twitter.com/LqcuVn4RIr
— 🪖MilitaryNewsUA🇺🇦 (@front_ukrainian) February 25, 2025
Од самата снимка не може да се потврди кога е направена, ниту пак која била точно целта на хеликоптерот.
Во 2023 година, Македонија одлучи да ѝ донира на Украина неколку борбени хеликоптери „Ми-24“ од руско производство, кои земјата ги набави од Украина за време на воениот конфликт во 2001 година.
-Владата ја разгледа и усвои и Информацијата за потреба од склучување Протокол за донација на воздухоплови (хеликоптери) помеѓу Министерството за одбрана на Република Северна Македонија и Министерството за одбрана на Украина и ја донесе Одлуката за донација на воздухоплови (хеликоптери) на Министерството за одбрана на Украина, соопштија тогаш од Владата.
Во меѓувреме, Украина го нападна јужниот руски регион Краснодар со голем број беспилотни летала во текот на ноќта, оштетувајќи неколку куќи, вклучително и една во црноморското пристаниште Туапсе, соопштија руските власти. Три станбени згради се оштетени низ целиот регион и нема извештаи за повредени, објави гувернерот Венијамин Кондратиев на Телеграм.